Нови мерки за полесно вработување на лицата на возраст од 40 до 49 години

39

zavod[1]Преку мотивациски обуки кои од денес почнуваат да се спроведуваат во Агенцијата за вработување на Република Македонија се планира да се овозможи полесно вработување на долгорочно невработените лица на возраст од 40 до 49 години.

Како што информираше на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, околу 5.000 лица од невработените кои се на оваа возраст се изјасниле дека активно бараат работа и тие ќе бидат целната група на МТСП и Агенцијата за вработување. Во моментов од вкупниот број невработени кој изнесува околу 258.000, се пререгистрирале 221.720, од кои само 101.121 лице се изјаснило дека активно бара работа и дека сака да биде дел од пазарот на трудот.

“Ги повикувам сите невработени кои се на возраст од 40 до 49 години и се изјасниле дека активно бараат работа, а кои ја одбиле поканата или се уште размислуваат за нејзино прифаќање да се одлучат и да се вклучат во можноста што им е понудена и заедно да придонесеме за зголемување на нивните вештини и знаења со што ќе се зголеми и можноста за полесен пристап до соодветното работно место”, рече Ристовски.

Министерот додаде дека имаат генерална слика каков профил на работници им требаат на компаниите и како што истакна, соодветно на тоа во еден дел овие обуки ќе бидат стандардизирани и модифицирани на тие потреби бидејќи има најава за нивно вклучување, односно вработување.

Директорот на АВРМ, Влатко Поповски посочи дека оваа категорија невработени е избрана со оглед на тоа што е без работа повеќе од 10 години, но иако е во продуктивни години, не е во можност да дојде до работно место поради тоа што најголем број од работодавачите бараат работници под 40 години.

“Со оваа обука ќе се постигне нивно самосознавање, самооценка што им е потребно. Потоа ќе се види кои работни места се соодветни за нив, доколку е потребно ќе се направи и дополнителна обука за да можат да се вработат во некоја од приватните компании”, рече Поповски.

Обуките ќе траат до 23 мај годинава, а потоа од 14 јуни ќе започнат активни советувања. Во првата фаза ќе бидат опфатени невработените лица на возраст од 40 до 49 години, а потоа и останатите категории.