Farewell

52

Секое заминување е тешко, па доколкусо некого сте биле подолго време некаде, разделбата може да биде уште потешка и емотивна. Така е и со вработените кои ви се од големо значење. Ви доаѓа да се затворите некаде и да чекате да помине денот или периодот.

Но, така е тоа, и следно што треба е да се организирате како вие, така и колегите е да направите достојно испраќање на колегата. Секако, пред воопшто да навлезете во подготовка за испраќање, би било убаво уште еднаш, како за последен пат да пробате да го вратите колегата што ќе си оди. Не за друго, ако ви е од голема важност тој/таа, тогаш финансиските импликации кои ќе ги имате, знаат да бидат многу големи (едукација на нови колеги, заминување на некои контакти кои претходно биле во комуникација со стариот колега, време инвестирано во стариот и новиот колега итн. итн.).

Но, ако сепак одлуката за заминување е дефинитивна, тогаш една достојна забава за заминување е убаво да се организира. Пак ќе кажам достојна, во зависност од нивото и лојалноста на колегата. За што поубава организација на забавата, би ви ги препорачал следниве совети:

  • причини за заминување – потребно е да ги дознаете вистинските причини за заминувањето (пензија, унапредување, семејни причини, друга работа, болест и друго) па соодветно на тоа и ќе знаете какви подготовки ќе треба да направите за тој настан.
  • колеги – доколку вие не сте во можност, замолете други колеги да го организираат тој настан, особено некои што биле блиски со нејзе/него. Со тоа ќе овозможите инклузија и на другите колеги, но и ќе овозможите блиските да го направат настанот по мера на личноста што си оди, а не по ваша мера.
  • подарок – со самото инволвирање на блиски колеги, го намалувате ризикот за избор на подарок за паметење од вашата компанија на многу мал и одбирање на подарок по мера на личноста што си заминува. Нормално, ако давањето подарок е во политика со вашата организација, а ако не е, ќе треба да направите прекршок (ако е дозволено тоа или најдобро ќе биде да прашате највисоките структури). За крај за подарокот, гледајте да не го давате вие, туку нека се договорат колегите кој ќе го даде.
  • изненадувања–поштедете се и себе си и другите од изненадувања, па објавете уште пред време дека ќе има некој настан по повод заминувањето и што се очекува, како и колку ќе трае (сепак светот, а и работата не завршува со тоа заминување). Исто така, немојте да имате изненадувања на самиот настан, за да не ги ставате другите во незгодна ситуација.
  • дружба – искористете го тој настан за дружба со останатите колеги, за размена на идеи и новости, поттикнете некои теми кои до сега не сте имале можност да ги разговарате, но што и да правите, гледајте максимално убаво да си поминете.
  • довидување–време е за збогување и немојте да правите тоа да биде уште потешко. Ако планирате да кажете нешто, тогаш е убаво тоа да го направите некаде на средина на целиот настан, за да има време после тоа малку и целата ситуација да се релаксира.
  • и како за крај, гледајте настанот да не го организирате последниот ден на колегата во заминување. Не за друго, има уште неколку административни работи кои ќе треба да се довршат (оставање на сигурносни беџови, технички помагала, административни документи и друго). Дополнително на ова, тука се и забраните кои ќе ги воведе ИТ одделението,па дајте си еден грејс период за реализација на истите (може да биде и после заминувањето на колегата)

Со успех во промените на тие што си заминуваат, но најмногу на тие што остануваат.