Сите ние сакаме да работиме од далечина, а при тоа да бидеме продуктивни. Секоја компанија сака да има такви луѓе кои ќе може да работат од надвор, а сепак да ги извршуваат работите на време.
Но, на секого и секогаш им се поставува истото прашање, како да се биде продуктивен при таков начин на работење? Секако, да се имаат одговорите на ова прашање не е едноставно, а да беше така, тогаш најголемиот број компании ќе имаа такви луѓе во својата средина. Јас може да споделам некои работи кои до сега ги имам искусено во соработка со такви луѓе, но и од наше лично искуство (практично и теоретско) за соработка со фирми:
- Средби – зависно од динамиката на работата, потребни се неделни и месечни средби. На почетокот, потребно е да се гледате барем еднаш неделно, додека работите не добијат некој тек, за да после тоа се пренесат тие средби на еднаш месечно.
- Фокус – сите инволвирани во работата треба да бидат максимално фокусирани на работата што ја работат. Не е проблем во текот на денот да се работат неколку работи, но кога го работиш тоа што треба во тој момент, тогаш биди фокусиран. Ова го потенцирам затоа што најчесто работењето од далечина се поврзува со работа од дома, а сите знаеме дека кога си дома, и дома има и многу „домашни” работи што знаат да те дефокусираат.
- Подготовка – иако работите од далечина, подгответе го умот дека работите!! Не сте дома, туку сте на работа која во моментот ви е дома. Ако сте рекле дека ќе работите од дома, тоа не значи дека сте дома, туку сте на работа, но сепак дома. Па така, кога ќе станете, подгответе се како за на работа, дотерајте се и одите на работа (читај: дома во некоја друга соба)… не да седите по домашна облека или разбушавени. Зарем така би оделе на работа?
- Мониторинг – бидејќи се работи за работа од далечина, тогаш е убаво да се искористат некои од денешниве алатки (некои и се бесплатни) за да се дефинираат задачи кои треба да се завршат на дневно ниво, со мониторинг на нивното завршување, и дефинирање на задачи на неделно/месечно ниво.
- Комуникација – со ваков начин на работа, потребна е почеста комуникација. Денеска комуникацијата е повеќе од достапна и треба да се искористат сите тие алатки за да може почесто да се слушате/гледате.
Ете, како што може да видите, работењето од далечина може да е едноставно, но и не е така како што изгледа. На крај, сè се сведува на посветеноста на луѓето кои се најмени да работат од далечина, нивната искрена намера навистина да бидат лојални и да го завршат она за што е договорено, но и на довербата и отвореноста на другата страна за нови предизвици и начини на соработка.
Со успех во промените.