Познати се имињата на сите тринаесет говорници кои во петок, 16-ти ноември ќе бидат дел од AllWeb, првата и единствена конференција за дигитални комуникации во Македонија. Покрај досега најавените, на листата говорници се најдоа и имињата на Алина Гратчерко, основач на Акцелерејт Кореа, Неил Кокер од ramptshirts.com, Борислав Миљанович, основачот на Репрезент систем, како и Блаже Аризанов Македонецот кој направи бум со својот старт – ап во Индија.
“Првичната листа на можни говорници, како и нивниот интерес да бидат дел од AllWeb, годинава беше најголем. Внимателно ги избиравме и говорниците и содржината што ќе се презентира, со цел темите кои ни се во фокус да ги обработиме од различни аспекти. Веруваме дека направивме одлична програма, на задоволство на сите, а најмногу на учесниците. Целта ни е да го поттикнуваме пазарот да се развива, па затоа содржината е насочена кон иднината и тоа што допрва нè очекува“, вели Дарко Булдиоски, програмски директор на AllWeb.
Седмото по ред издание на AllWeb ќе се одржи на 16-ти ноември, петок, во Македонска филхармонија во Скопје. Конференцијата ќе ја отвори Роџер Едвардс, маркетинг стратег и домаќин на познатиот подкаст Маркетинг и финансии, а ќе заврши со презентацијата на МетДесмиер, човекот кој внесува свежа перспектива во бизнисот. Програмата е поделена во три дела, а ќе се состои од презентации и кратки разговори на сцена. Организаторите велат дека не откриваат баш се и најавуваат изненадување за присутните.
На конференцијата се очекува да присуствуваат околу 300 претставници на високите одлучувачки структури на компаниите, маркетинг и директори за односи со јавноста, претставници од агенции, компании, претприемачи и слично.
Билетите може да се купат најдоцна до вторник, а се достапни на https://allweb.mk/tickets/.