Фото: James Dyson Award
Двајца студенти од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) дизајнираа столче наменето за лица со инвалидитет што може да се користи при патување со авион, пишува Dezeen.
Со негова помош, овие лица ќе го избегнат преместувањето од едно столче на друго, а со тоа патувањето ќе им биде значително олеснето. Студентите освоија второ место на овогодинешните награди за дизајн James Dyson Award што се одржуваат во Велика Британија. Столчето е наречено Air Chair, а истото се “навлекува“ на стандардните седишта во авионот и стои безбедно во таа позиција за време на летот.
Не пречи при користење на безбедносен појас или појасот за спасување по потреба. Столчето овозможува патникот да остане на истото место од аеродромот, па сè до слетување на посакуваната дестинација. Електрично е и компактно за носење, а лесно поминува и помеѓу седиштата.
Студентите ќе ја вложат својата награда од 8.800 долари во развивање на дизајнот, тестирање и одобрување за Air Chair да може да влезе во производство и употреба.