Од 1 јануари 2014 година Владата го враќа логото Да купуваме македонски производи, За наше добро Made in Macedonia и сонцето на фискалните сметки, а ќе биде прикажан и вкупниот промет од македонските производи.
Целта на ова е да се поддржи домашното стопанство и да се подигне свеста на граѓаните за купување македонски производи.
Министер за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција изјави дека ова е дел од најновите измени на Законот за регистрирање на готовински плаќања, кои се усвоени на последната седница на Владата.
“Ова се промени кои се во насока на македонското стопанство, во насока на поддршка на користење македонски производи, бидејќи производството на македонски производи зависи од тоа колку тие во трговијата се користат, колку се употребуваат од страна на потрошувачите и заради времето во кое живееме и заради општите услови во европската и македонската економија сметаме за потребно да се поддржат македонските производи и да се даде поттик за нивно користење и секој на сметката да види колкав е нивниот промет”, рече Ставрески.
Усвоените измени предвидуваат и поврзување на фискалните апарати со Управата за јавни приходи, со што УЈП ќе добие поголема прегледност во регистрирањето на прометот кој се извршува преку фискалните апарати.
“Секој фискален апарат ќе биде поврзан преку ГПРС систем со Управата за јавни приходи, која на крајот на денот ќе има информации за трансакциите, за вкупниот промет за секој субејкт. Со ова практично се воведува поголема транспарентност во работењето на стопанските субјекти и поголема можност за УЈП да ги има информациите и врз база на проценката на тие информации да го следи работењето на стопанските субјекти”, истакна Ставрески.
Одредбата ќе стапи на сила од 1 јануари до 1 март 2014 година и тоа за фирмите кои имаат над 10 милиони денари промет, за даночните обврзници кои се занимаваат со угостителска дејност и за даночните обврзници кои се занимаваат со малопродажба на нафтени деривати. За останатите субјекти крајниот рок ќе биде 1 јуни 2014 година.
Компаниите ќе треба да ги надградат фискалните апарати, а направените трошоци ќе бидат признати и ќе добијат даночно ослободување кое е законски предвидено.
Директорот на УЈП Горан Трајковски потенцира дека не станува збор за директно оптоварување на субејктите. Тој информира дека во првите три месеци од годинава 4.000 стопански субјекти добиле даночно ослободување од 6,140 милиони денари за набавка на фискална апаратура.