Како да се ставите себеси на прво место

140

Да се помага на другите е човечка и благородна особина. Но, понекогаш добрината е искористена, а тој што безрезервно давал останува разочаран.

Како да бидеме од помош, но да се ставиме себе си на прво место? Одговорот во продолжение.

Откријте го изворот на однесување

Најчесто потребата да се задоволат другите произлегува од кревкост и несигурност. Желбата да се биде од помош не е воопшто лоша, но само доколку се зачува сопственото здравје и интегритет. Запрашајте се од каде доаѓа потребата за тоа. Дали се плашите од одбивање? Од неуспех? Пронајдете го изворот за вашето “помагачко“ однесување за да можете да промените нешто доколку истото почне да ви пречи.

Бидете искрени пред себе

Дали вреди сето тоа што го правам? Дали ако сите бидат задоволни од мене и јас ќе се чувствувам исто? Поставете си ги овие прашања, но бидете брутално искрени пред себе си. Доколку се согласувате на секое барање и не можете да кажете НЕ, си го загрозувате личниот интегритет и лесно можете да бидете изиграни.

Покажете дека го цените вашето време

Ако вие не го цените сопственото време, никој друг нема да го вреднува. Затоа, наместо да бидете постојано достапни за другите, поставете граници. Сите неразумни побарувања “префрлете“ ги на некој друг или едноставно кажете дека имате краен рок, неодложна задача и слично. И понатаму да бидете од помош (но кога вам ви одговара) кажете време и место, кога ќе бидете достапни за оној кој го бара тоа од вас.

Направете го спротивното

Кога ќе посакате да се “замешате“ во некој проблем, направете го сосема спротивното – кажете им на луѓето самите да си преземат одговорност за ситуацијата, односно самите да најдат решение.

Иако помошта е добредојдена за секој, прво треба да се цениме и почитуваме себе си, односно да бидеме сопствен приоритет за да можеме поефикасно и во вистински момент да им се најдеме и на другите.

Фото: Pixabay