Министерот за економија Ваљон Сарачини идната среда ќе оствари средба со Синдикатот на ОХИС. Тој вчера изјави дека Владата останува на ставот, овој загубар конечно да добие стратегиски партнер и работи на тоа.
“На наредната владина седница ќе биде разгледана нова можност за продавање на ОХИС. Очекувам во наредниот период да се подготви тендерската документација и да се најде инвеститор, истакна Сарачини”, одговорајќи на новинарски прашања пред средбата со градоначалниците и бизнисмените од Северозападна Македонија.
Како што потенцираше министерот, процедурата за продажба не е едноставна, особено ако се земе в предвид социјалната димензија.
“Не е лесно да разговарате со инвеститор и да го замолите да ги задржи на работа сите вработени, особено во ОХИС каде што има вкупно 800 лица”, посочи Сарачини.
Тој додаде дека ОХИС не е без сопственик и дека Владата многу пати им излегуваше во пресрет и им помагаше на вработените.