Фото: Pixabay
Со цел подобрување на состојбите во користењето на бродбенд услугите како и брзините на истите, Владата го усвои Националниот оперативен бродбенд план – НОБП (2019-2029 година). Целта е да се достигнат брзините и користењето на бродбендот кои постојат во земјите во ЕУ. Документот беше доставен на коментар до ЕУ и добиен е позитивен извештај за истиот, стои во соопштението.
Владата и Министерството за информатичко општество и администрација свесни за брзината на интернетот во Северна Македонија, како и за стандардите кои постојат во земјите во Европа, во Националниот оперативен бродбенд план предвиде голем број на мерки и активности усогласени со политиките и стратегиите на ЕУ за оваа област.
Па така, за првпат во историјата, имаме оперативен план со зацртани националните цели кои треба да се достигнат (до 2029 година):
- До крајот на 2023 година, најмалку еден град да биде покриен со 5G сигнал.
- До крајот на 2025 година, главните коридори во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал.
- До крајот на 2027 година, сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал.
- До крајот на 2029 година, секој да има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
- До крајот на 2029 година најмалку 50% од вкупниот број на претплатнички договори на домаќинствата во цела држава, да бидат за пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
Согласно извршеното мапирање во 2018 година на постојни комерцијални мрежи и идни планови на операторите, утврдено е дека голем процент од домаќинствата (околу 30%) живеат во т.н “бели зони“ или зони каде нема пристап до супер/ултра брз интернет (поголем од 100Мбпс), а нема ниту планови за инвестицииво вакви мрежи.
Овој дигитален или бродбенд јаз мора да се намали. Ова е едно од реалните причини и зошто нашата земја не котира високо во користење на бродбендот и во просечната брзина на истиот.
Затоа, согласно НОБП ќе се изгради Национална транспортна оптичка мрежа до овие “бели зони“ како и оптички мрежи внатре во самите “белите зони“ и истите ќе се дадат на користење на операторите за да им обезбедуваат услуги на граѓаните, но само под еден услов: малопродажната цена за пристап до супер брз интернет за домаќинствата да не биде повисока од 2% од просечните месечни примања во тој плански регион.
Изградбата на оваа мрежа ќе се прави во соработка со Светската Банка и очекуваме од октомври да започне подготовката на Студијата за изводливост за истата, а потоа ќе започне и нејзината изградба.
На овој начин, но и со серија на други мерки предвидени во Националниот бродбенд план, ќе се зголеми брзината и користењето на интернетот во нашата земја, и веруваме дека со тоа Северна Македонија, при следното мерење на телекомуникациските услуги, ќе биде позиционирана на подобро место, споредено со оваа година.