Три лесни техники за подобрување на меморијата

433

memorija

Фото: Pixabay

Многумина од нас мислат дека човековата меморија, односно способноста да се паметат и навремено да се употребат однапред меморирани работи, е дадена константа и дека едноставно некои луѓе имаат подобра, а накои полоша меморија.

Точно? Сосема погрешно…

Човековата меморија воопшто не е направена да памети имиња, датуми, настани, да запамети каде сте ги оставиле вашите клучеви или да се сети на една од десетиците лозинки што сте ги креирале за разни намери. Напротив, меморијата е создадена, и таа најуспешно функционира во контекст на содржината за која се употребува.

Еве еден пример за тоа: земете еден лист хартија и обидете се да напишете што е можно повеќе видови на зеленчук. Потоа, на друг лист направете нов список, но овојпат замижете и замислете се себе си како шетате низ зелен пазар или супермаркет – многу е веројатно дека вториот список ќе биде подолг од првиот.

“Она за што всушност служи вашата меморија, е собирање на информации за тоа што треба да очекувате од светот околу вас и како да ги решавате проблемите кои настануваат при одредени ситуации во тој свет”, вели Арт Маркман, познат сознаен психолог и автор на книгата Паметно размислување (Smart Thinking).

За целосно да го разбереме концептот на функционирање на човековата меморија, најпрвин мора да се смени размислувањето за тоа што таа претставува. Меморијата не е однапред зададена константа, туку таа претставува еден вид вештина, чија ефикасност кај секој човек поединечно, зависи од тоа колку ќе биде усовршувана и правилно употребувана.

Се разбира, секој од нас посакува меморијата да му биде исполнета само со корисни работи, кои подоцна можат да бидат употребувани за нови креативни и иновативни бизнис – решенија.

Овие три техники можат да ви помогнат во тоа:

1. Целосно вклучете ги вашиот ум и тело – доколку сакате да запомнете некои нови нешта или идеи, морате да научите да се фокусирате и да избегнувате ’мултитаскинг’. Човековиот ум всушност и не умее успешно да менаџира неколку процеси истовремено, па затоа доста често само се навраќа на предходно незавршените задачи без некој поголем ефект. Наместо тоа, додека слушате, пробајте да го ангажирате и телото паралелно со вашиот ум, на пример: станете, фаќајте прибелешки, стојте исправено или раздвижете се и гестикулирајте.

2. Потсетете се на најважните три работи што сакате да ги запомнете – кога примате некои нови информации, вие не можете да научите сè наеднаш и наместо тоа, вашиот мозок регистрира само три работи кои ги поврзува со новите информации. Наместо да оставите вашиот ум сам да ги избере тие три работи, запишете ги или повторете ги во себе најважните аспекти на информацијата кои сакате да ви останат во долготрајната меморија.

3. Објаснувајте си ги себе си новонаучените концепти – за еден претприемач или менаџер, меморијата служи за комбинирање на предходните знаења и информации со цел да се пронајдат некои нови решенија. А како најдобро се меморираат нови знаења? Преку логичко објаснување на концептот на познати и непознати работи – на самите себе си или на некој друг. Ова најчесто се објаснува со прашањата кои секојдневно си ги поставуваме, како на пример: како работи сево ова? Кои се неговите компоненти? Како функционира? И зошто?

Вежбајте го развивањето на меморијата, за да не ви се случи еден ден да се запрашате: „За што ли беа овие апчиња Билобил?!“