Се удривте со друго возило? Европскиот извештај е решение

2142
two cars in a fender bender

Европскиот извештај или европскиот записник како што најчесто го нарекуваме, е образец изготвен од Националното биро за осигурување на Република Македонија. Истиот се добива бесплатно од друштвото за осигурување при склучување договор за задолжително осигурување (полиса) и на неговата задна страна содржи упатство за употреба во кое детално се наведени начинот и условите за негово користење.

Правила за користење на извештајот

Европски извештај се пополнува само во случај на сообраќајна незгода со мала материјална штета и го пополнуваат учесниците во сообраќајната незгода. Европскиот извештај не се пополнува и не се потпишува во случај на сообраќајна незгода во која има повредени лица, загинати лица и во сообраќајна незгода во која настанала голема материјална штета.

Возачите учесници во сообраќајна незгода во којашто е предизвикана мала материјална штета, откако ќе го пополнат и потпишат Европскиот извештај за сообраќајна незгода, се должни веднаш да ги отстранат возилата од коловозот и да овозможат непречено одвивање на сообраќајот. Прекршочен платен налог во износ од 250 евра, во денарска противвредност, ќе му се издаде на возачот учесник во сообраќајна незгода кој постапува спротивно од наведената одредба.

Возачите учесници во сообраќајна незгода во којашто е предизвикана мала материјална штета, кои пополниле и потпишале Европски извештај за сообраќајна незгода, не се должни за истата да го известат Министерството за внатрешни работи.

Европскиот извештај не претставува признавање вина и не значи дека меѓу возачите е постигната согласност за вината во сообраќајната незгода, ниту дека со потписот се признава вина, туку служи единствено за утврдување на фактичката состојба.

Како се пополнува европскиот извештај

Во извештајот има две колони, А и Б, каде колоната А ја пополнува причинителот на незгодата, а колоната Б оштетениот. Покрај податоците за возилата и лицата кои учествувале во незгодата, има и еден шематски приказ каде што треба да се нацрта како се движеле возилата и како дошло до незгодата. По пополнување на извештајот, во рок од 24 часа по незгодата, учесниците се должни да го пријават настанот во осигурителната компанија каде што причинителот го има осигурано своето возило.

Европскиот извештај е едно од најдобрите и најбрзи решенија за незгоди со помали последици. Наш совет е доколку можете да ја искористите оваа алатка секогаш користете ја. Нема потреба да викате екипа од МВР за увид и да го кочите цел сообраќај, кога можете по кратка постапка да ја решите ситуацијата. И без паника, функционира.