Осигурувањето претставува институција којашто ги надоместува настанатите штети во општеството, во неговото стопанство или кај луѓето, под дејство на природни сили или несреќни случаи.
Тоа ја обезбедува економската заштита на осигурениците (правни и физички лица) од штетни дејствија и економски растројства, коишто можат да дојдат кога ќе настане осигурителен случај, односно кога ќе се реализира ризикот на сите фази на општествената репродукција или во секојдневието на луѓето. Кога ќе се споменат поимите опасност, ризик, штета, оштета, сите тие кај нас асоцираат на тесната поврзаност со осигурувањето, додека самиот збор осигурување создава претстава за сигурност.
Осигурувањето претставува здружување на сите оние кои се изложени на иста опасност со цел заеднички да ја поднесуваат штетата којашто ќе им се случи само на некои од нив. Основата на осигурувањето е во начелото на заемност и солидарност. Преку осигурувањето се изедначуваат и израмнуваат ризиците на прифатливо (лесно подносливо) мошне ниско ниво, се атомизира. Атомизација на ризикот, преку неговото распоредување на мноштво осигуреници, т.е. раситнување на големите штети на безброј мали, претставува техничка суштина на осигурувањето. Осигурувањето се појаува во три вида, односно допира три области:
- Економска
- Техничка (статистичко – математичка, т.е. актуарска) и
- Правна
Економскиот вид се манифестира преку целта што се постигнува во осигурувањето. Техничката функција се огледа преку тоа како се уредува функционирањето на осигурувањето како специфичен механизам за изедначување на ризикот, третиот појавен облик, правниот, претставува утврдување на мошне голем број на правни односи, кои нужно настануваат на осигурувањето преку здружување на средства на обештетување на сите осигуреници на кои им се случуваат штети.
Историја на осигурувањето
Во кодот на Хамураби напишан околу 1754 година п.н.е. стои дека доколку трговец е нападнат на територијата на Вавилон, власта ќе се погрижи да му ги надомести трошоците. Тоа и претставува основа на осигурувањето – надоместок на штета. Начелата од кодот на Хамураби се развиле и распространиле во антиката. Така настанале осигурителните заедниците во Грција околу 800 п.н.е. Тие врз заемна основа ги надоместувале загубите што настанувале при превоз на море. Секој член на заедниците вложувал одредена сума и можел да бара оштета доколку се случи штета. Надградба на овие заедници биле бродските заедници во Персискиот Залив. Тие набавувале нов брод на сопственикот чиј брод ќе потонел.
Пресвртница е комерцијалното осигурување т.е. формирање на специјализирани компании коишто заработуваат од осигурување. Првата комерцијална компанија е основана во Бриж, Белгија. Најпрво мала белгиска банка нудела осигурување на добра. Банката потоа во 1310 година се трансформира и станува прва осигурителна компанија.
Првите самостојни договори во осигурувањето настанале во почетокот на XIV век во Џенова, Италија. Со појавата на овие договори, првпат ѝ е дадена јасна и недвосмислена правна форма на економската содржина на осигурувањето. Ова дало силен поттик тоа да стане важна стопанска дејност.
За да ја намалат опасноста на којашто се изложени, подучени од искуството, соптвениците на бродови земале осигурување. Во ова осигурување влегувал само еден мал дел од вредноста на одредената стока. Тие истовремено земале во осигурување и дел од вредноста на други стоки во други бродови кои пловеле по различни мориња.
На тој начин се овозможувало обезбедување во случај да пропадне едниот брод или стока, да ги компензираат своите загуби со големи заработувачки. Ова претставувало прво свесно организирање на ризични заедници меѓу лица изложени на лични опасности на разни места и во различно време од страна на едно лице.
Во 1575 година, британскиот парламент ја основа Комората за осигурување – Chamber of Insurance. Многу важен настан за развојот на осигурувањето е пожарот во Лондон во 1666-та година, којшто поттикнал да се основаат мноштво осигурителни компании. Од тука почнуваат и зачетоците на познатата Лојд од Лондон.
Во текот на 19-тиот век со развојот на статистиката и актуарската математика доаѓа до огромен развој на осигурувањето. Ова доведува до воведување на нова законска регулатива, пензиски систем како и развој на реосигурување. Реосигурување претставува предавање на ризикот од страна на осигурителната компанија на друга компанија на комерцијална основа.