Животното осигурување е основна алатка за менаџирање со ризик од финансиски аспект. Негова примарна функција е замена на приходите остварени за време на работниот век. Многупати, животното осигурување служи да се обезбеди финансиска сигурност за членови од семејството во случај на прерана смрт. Бидејќи изгледите за настапување на смрт за време на работниот век се релативно помали, осигурувањето добро одговара за вакви ситуации.
Вообичаено луѓето купуваат орочено, но исто така и трајно животно осигурување. Трајното животно осигурување е поинакво затоа што нуди потенцијал за инвестирање во дополнителни средства како дел од покриеноста на осигурувањето. Затоа што ваквите полиси обично траат цел живот, тие може да се искористат како финансиска поддршка во подоцнежните, пензионерски денови.
Видовите осигурување на живот кои најчесто ги среќаваме во државата:
- Осигурување на живот во случај на смрт (ризико осигурување) – договорената осигурена сума се исплатува на корисникот на осигурувањето само во случај на смрт на осигуреникот во договореното траење на осигурувањето. Доколку осигуреникот го доживее датумот на кој истекува полисата осигуреникот/корисникот на осигурување нема право на исплата на осигурената сума.
- Осигурување на живот во случај на доживување – осигурената сума се исплатува само во случај ако осигуреникот го доживее договорениот датум наведен во полисата за осигурување. Доколку кај осигуреникот настапи смрт за време на траењето на договорот, корисникот на полисата за осигурување нема право на исплата на договорената сума.
- Мешовито осигурување на живот – претставува комбинација од осигурувањето на живот во случај на смрт и осигурувањето на живот во случај на доживување. Во случај на смрт на осигуреникот за времетраење на осигурувањето, на членовите на неговото семејство/корисниците на осигурување се исплаќа осигурената сума. Во случај на доживување, осигурената сума заедно со делот од добивката се исплаќа на осигуреникот. Ова осигурување е најчесто користено од страна на осигурениците поради комбинацијата на штедење и заштита на семејството на осигуреникот во случај на негова смрт.
- Рентно осигурување (осигурување на ануитети) – осигуреникот има право на исплата на одредени периодични исплати (ануитети) во текот на одреден период или доживотно. Ова осигурување може да се користи и како модел за идна исплата на пензии, односно пензиски надоместоци на сите членови во вториот, односно третиот пензиски столб кои се стекнале со тоа право.
Фото: Pexels