Дефицитот намален благодарение на зголемениот извоз

21

mkd-37297Според податоците на Државниот завод за статистика Македонија успеала да го намали дефицитот во надворешно трговската размена во првото полугодие од годината за околу 65 милиони долари, во однос на истиот период лани, што се должи на порастот на извозот за околу 63 милиони долари.

Вкупната вредност на извозот на стоки во периодот јануари-јуни 2013 година, изнесува точно две милијарди долари, додека во истиот период лани извозот изнесувал 1,937 милијарди долари.

Во првото полугодие во Македонија биле увезени стоки во вредност од 3,186 милијарди долари, што е за околу два милиони долари помалку во однос на истиот период лани, кога увозот изнесувал 3,188 милијарди долари.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-јуни 2013 година, изнесува 1,185 милијарди долари, додека во првото полугодие од 2012 година дефицитот достигнал 1,250 милијарди долари.

Покриеноста на увозот со извоз во првите шест месеци од годината изнесува 62,8%, а во истиот период лани била 60,8%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта.

Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и масла добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, руди на никел и нивните концентрати и електричната енергија.

Според вкупниот обем на надворешно- трговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија. Речиси половината од вкупната надворешно-трговска размена Македонија ја врши со овие пет држави.