На Германија и се потребни 400.000 квалификувани имигранти годишно, изјави во вторникот директорот на Федералната канцеларија за вработување, Детлеф Шиле, за „Зидојче цајтунг“.
„Не зборувам за баратели на азил, зборувам за насочена имиграција за да се пополнат празнините на германскиот пазар на труд. Од негуватели до техничари за услуги за климатизација до академски образовани луѓе: Германија има потреба од работници во сите сектори“, рече Шиле.
Тој рече дека од демографски причини, побарувачката за квалификувана работна сила во Германија се зголемува од година во година. Како што нагласи, веќе оваа година бројот на млади луѓе кои треба да бидат достапни на пазарот на трудот е 150.000 помалку, и тој број ќе се зголемува од година во година.
„Германија може да го реши проблемот со квалификување на неквалификуваните кои се веќе во Германија, со претворање на работните места со скратено работно време во работа со полно работно време и секако насочена имиграција“, рече Шиле.
Тој рече дека надминување на проблемот ќе биде една од најголемите задачи на идната германска влада, која ќе го преземе раководството на земјата по парламентарните избори кон крајот на септември. Во исто време, политиката мора да им објасни на противниците на имиграцијата дека без увоз на работна сила, германската економија нема да може да функционира, заклучи Шиле.