Унгарија сака да потпише нов 15-годишен договор со руската компанија „Газпром“ за снабдување со природен гас, а разговорите за тоа се во завршна фаза, изјави денеска Петер Сијарто, унгарски министер за надворешни работи.
„Се надевам дека ќе потпишеме нов 15-годишен договор за снабдување оваа есен под поволни услови“, рече Сијарто на прес-конференција по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Будимпешта, пренесе Ројтерс.
Тој додаде дека за цената и флексибилноста на новиот договор со „Газпром“ ќе се разговара во Русија следната недела.
Шефот на унгарската дипломатија, исто така, објави дека преговорите меѓу Будимпешта и Москва за добивање лиценца за производство на вакцината Спутник В против вирусот Ковид-19 во Унгарија напреднале.
Според него, производството на руската вакцина во Унгарија би можело да започне кон крајот на 2022 година.
Британската новинска агенција наведува дека Унгарија ја користела руската вакцина Спутник В за време на пандемијата, иако не била одобрена од Европската агенција за лекови и дека, наводно, откако премиерот Виктор Орбан ја презел власта во 2010 година, „ги промовира интересите на Москва во рамките на ЕУ, постојано повикувајќи на прекин на економските санкции кон Русија“, воведени по анексијата на Крим во 2014 година.
Исто така, се потсетува, дека во 2014 година, Будимпешта потпиша договор со Русија за изградба на два нови реактори во нуклеарната централа „Пакс“, кои ќе ги гради руската државна компанија за атомска енергија „Росатом“, и додава дека проектот сериозно доцни.