Висок член на Извршниот одбор на Централната банка на Авганистан (Da Afghanistan Bank – DAB), Шах Мехраби, ги повика американското Министерство за финансии и Меѓународниот монетарен фонд да преземат чекори и да и овозможат на владата предводена од Талибанците ограничен пристап до девизните резерви, бидејќи земјата се соочува со економска катастрофа.
Талибанците ја презедоа власта во Авганистан со неверојатна брзина, но малку е веројатно дека милитантната влада брзо ќе добие пристап до нејзините меѓународни резерви од околу 10 милијарди долари, кои ги држи DAB главно на странски сметки.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден изјави дека средствата на централната банка што владата на Авганистан ги има во САД нема да им бидат достапни на Талибанците, а ММФ објави дека таа земја нема да има пристап до ресурсите на овој меѓународен доверител.
Шах Мехраби, професор по економија на колеџот Монтгомери во Мериленд и член на Извршниот одбор на авганистанската централна банка од 2002 година, во телефонски разговор за Ројтерс во средата рече дека Авганистан се соочува со „неизбежна економска и хуманитарна криза“ доколку меѓународните резерви останат замрзнати, пренесе Танјуг.
Тој нагласи дека не зборува во име на Талибанците, туку дека тоа го прави како актуелен член на управниот одбор на банката, додавајќи дека планира да се сретне со американските законодавци оваа недела и се надева дека наскоро ќе разговара со претставници на американското Министерство за финансии.
„Ако меѓународната заедница сака да спречи економски колапс, еден начин би бил да му се даде на Авганистан ограничен и контролиран пристап до неговите резерви“, рече Мехраби.
Оневозможувањето на пристапот, вели тој, ќе ја задуши авганистанската економија и директно ќе влијае на луѓето, што ќе доведе сe повеќе домаќинства во сиромаштија.
Мехраби предлага Соединетите држави да и дозволат на новата влада во Кабул пристап до ограничен износ на средства секој месец, на пример, од 100 до 125 милиони долари за почеток, што ќе биде надгледувано од независен ревизор.
„Администрацијата на Бајден треба да преговара со Талибанците за пари, исто како што тие преговараа за евакуација“, рече тој.
Ако сите средства останат замрзнати, инфлацијата ќе продолжи да расте, објаснува тој, Авганистанците нема да можат да си ги дозволат основните потреби, а централната банка ќе ги загуби главните алатки за водење монетарна политика.
„Талибанците можат да преживеат со собирање царини, зголемување на производството на опиум или продажба на американска воена опрема, но обичните Авганистанци ќе страдаат секојдневно и ќе се потпираат само на меѓународна хуманитарна помош ако земјата нема пристап до девизи“, рече Мехраби.
По речиси 20 години американска интервенција во земјата, авганистанската економија стана доларизирана и многу зависна од увозот што мора да се плати во странска валута, рече Мехраби.