Пиволенд по шести пат во септември

50

Шестото издание на фестивалот посветен на љубителите на пивото, добрата музика и храната Пиволенд ќе се одржи од 11-ти до 15-ти септември во Скопје, на својата стара локација, скопското Кале.

“И оваа година се очекува посетителите да имаат можност да вкусат триесетина видови пенливо задоволство. Секако бидејќи пиво не оди без храна, Пиволенд им ветува вкусна гозба на сите гурмани во рамките на катчето за храна кое ќе биде засебен дел од фестивалот и ќе нуди избор од вкусови од десет различни ресторани со акцент на македонската кујна”, рече Пане Темов, организаторот на Пиволенд.

Организаторите музичката програма се уште ја чуваат во тајност, но најавуваат триесетина концертни спектакли.

“Нашата цел оваа година беше да се вратиме на Калето кое со самиот свој амбиент создава дополнителна магија фестивалот да биде поуспешен. Се потрудивме во однос на музичката програма да понудиме што повеќе изведувачи и бендови од домашната музичка сцена, па така и оваа година се фокусиравме целосно во промовирање на македонската култура. Што од друга страна, пак, не ги исклучува и гостувањата на неколку ѕвезди од регионот” вели Темов.

Годинава Пиволенд ќе има три стејџа со различен тип музика, и тоа главниот стејџ, ДЈ стејџот и кавер бенд стејџот.

Влезот на фестивалот, како и секоја година, е бесплатен за сите посетители. Традиционално и годинава фестивалот ќе биде под покровителство на градот Скопје.