Колку чини најскапиот гејмерски компјутер?

318

Врвните компјутери за видео игри никогаш не биле евтини. Корисниците обично ги склопуваат сами, правејќи го изборот на компоненти за кои мислат дека ќе обезбедат оптимални перформанси. Сепак, и производителите на компјутери и големите дистрибутери често имаат во својата понуда сериозно брзи (и екстремно скапи) машини за игри, кои се оптимизирани и спремни за работа (играње) веднаш по распакувањето.

На пример, HP го нуди компјутерот Omen 40L. „Највозбудливата“ варијанта се базира на процесорот AMD Ryzen 5900X, 64 GB RAM, капацитет од 2 TB SSD, графика Nvidia Geforce RTX 3090 и напојување од 800 W. Неговата цена е за нијанса пониска од 5.500 долари.

Ако мислите дека е скап, Velztorm Lux Custom PC, кој го продава NewEgg, чини 8.750 долари и нуди AMD Ryzen 9 5950X, 128 GB RAM, 4 TB SSD и 6 GB HDD, AMD Radeon RX 6900XT и напојување од 1.000 W.

Цените на претходните два компјутера се вистинска ситница во споредба со Acer ConceptD кој чини 23.000 долари. За тие пари добивате процесор x2 Intel Xeon Gold 6148, 192 GB RAM, 1 TB SSD (но и уште шест слотови за додавање нови SSD-и), Nvidia Quadro RTX 6000 графичка картичка и напојување од 1.000 W.

Сепак, апсолутен рекордер е компјутерот што го нуди страницата OverclockersUK, OrionX2 Dual System. Чини неверојатни 44.000 долари! Зошто некој би дал толку многу пари за компјутер? Како прво, ова не е еден, туку буквално два компјутери во едно, бидејќи има два процесори (Intel Core i9-10980 / Intel Core i7-10700K), две матични плочи, две посебни мемориски гранки (128GB DDR4 / 32GB DDR4), два система за складирање податоци (14TB HDD / x2 2TB SSD), три графички картички Nvidia Geforce RTX 3090 со водено ладење и Super Flower Leadex Platinum напојување од 2.000 W.