Ирскиот регулатор ја казни „Мета“ со 17 милиони евра

Ирскиот регулатор за податоци соопшти дека наметнува казна од 17 милиони евра на матичната компанија на „Фејсбук“, „Мета Платформс“, по истрагата за 12 извештаи за пробив на податоците, што регулаторот ги добил во 2018 година, објави Ројтерс.

Комесарот за заштита на податоците изјави дека открил дека „Мета платформс“ не успеале да воведат соодветни технички и организациски мерки за да ѝ овозможат лесно да ги демонстрира безбедносните мерки што ги применува во пракса за заштита на податоците на корисниците на Европската унија“.

Ирска ги регулира „Мета“ и голем број други американски интернет гиганти бидејќи нивното европско седиште се наоѓа во земјата.

Комесарот за заштита на податоците, кој во моментов спроведува голем број истраги за „Мета“, ја казни нејзината единица „ВатсАп“ со рекордни 225 милиони евра минатата година поради непочитување на правилата за заштита на податоците на ЕУ во 2018 година.

Портпаролот на „Мета“ рече дека компанијата „внимателно ќе ја разгледа одлуката од вторник“, додавајќи дека „процесите за [заштита на податоците] сè уште се развиваат“.

Гигантот истакнува дека казната е поврзана со практики од 2018 година, кои оттогаш се ажурирани.