Ангеловска-Бежоска-Душарм: Квалитетната статистика на Народната банка е придобивка за целата економија

90

Народната банка забележува исклучителни успеси во остварувањата во сферата на статистиката, што е од големо значење за економијата во целина, бидејќи овие податоци се основа за носење правилни одлуки од страна носителите на политиките и од корпоративниот сектор. Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Одделот за статистика на Меѓународниот монетарен фонд, Луј Марк Душарм, во рамки на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка, кои се одвиваат во Вашингтон, САД.

Во разговорот со Одделот на ММФ, беше истакнато дека Народната банка постојано работи на подобрување на транспарентноста, квалитетот и обемот на статистичките податоци за финансиските и монетарни состојби, што е од особено значење при носењето на политики за одржување на макроекономската и стабилноста на финансискиот сектор.

Пред повеќе од една година, Народната банка започна со објавување на податоците за годишните финансиски сметки на домашната економија, коишто ги прикажуваат состојбите на финансиските средства и обврските. Ова е значаен чекор за домашниот статистички систем поради деталните информации за состојбата и промените на финансиските средства и обврските на одделните сектори, нивната структура по одделни финансиски инструменти, како и меѓусебната финансиска изложеност на секторите. Финансиските сметки се важен извор на информации за носителите на економските политики.

Народната банка засилено работи и на подготовка на нови статистички податоци, односно целосно заокружување на показателите што се во нејзина надлежност, согласно со највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС плус, којшто го исполнуваат само 27 земји во светот. Постигнати се значајни резултати и на планот на дисеминацијата на податоци, преку статистичкиот портал „НБСтат”.

Исто така, гувернерката оствари средби и со заменик-директорот на Одделот за монетарни и финансиски пазари, Кристофер Ерцег и Правниот оддел на ММФ. На состанокот со Одделот за монетарни и финансиски пазари се дискутираше за продолжување на соработката на Народната банка со експертите на ММФ за натамошно унапредување на аналитичката инфраструктура за водење на монетарната политика, развивање на капацитетите за оцена на системските ризици и одржување на финансиската стабилност, како и за ефикасна супервизија.

Од страна на гувернерката и во оваа пригода беше изразена благодарност до ММФ за поддршката која ја даваат во континуираното унапредување на капацитетите на институцијата.