Триесет години монетарна самостојност, денарот останува стабилен

198

„Република Македонија воведува сопствена парична единица што ќе го носи името денар и еве задоволство ми е да видите како тие парични единици се печатени”. Со овие зборови првиот премиер на државава Никола Кљусев од собраниската говорница го претстави денарот како национална валута која официјално беше воведена на 26 април 1992 година (Велигден).

Тогаш, Собранието донесе пакет закони со кои државата се осамостои монетарно. На почетокот беа воведени вредносни бонови кои ги заменија тогашните југословенски динари во однос 1:1. Замената почна на 27 април 1992 година и траеше три дена. Веќе на 29 април престанаа да важат југословенските книжни пари, а кованите пари од 1, 2 и 5 југословенски динари останаа да важат уште една година.

Вредносните бонови од 25, 50, 100, 500 и 1000 имаа ист дизајн и се разликуваа само по бојата. На нив не го пишуваше името на новата национална валута. На предната страна, основниот мотив беше Македониумот, а на задната тутуноберачите.

Името денар е добиено по истоимената античка римска валута (лат. denarius), која се користела на оваа територија и во минатото. Името го има дадено академик Петар Илиевски, а како предлози во тој период биле разгледани и „македонски динар” и „лав”.

Првите денари беа пуштени во оптег следната година. Во 1993 година беше пуштена серија од банкноти во вредност од 10, 20, 50, 100 и 500 денари, а во 1996 година биле воведени и банкноти во вредност од 1000 и 5000 денари.

Во 2016 година биле воведени и банкноти од 200 и 2000 денари. Истовремено, книжните пари со апоенска вредност од 5000 денари беа повлечени од оптек како последица на нејзината незначителна примена во секојдневните трансакции и намалената побарувачка од страна на банките.

Во 2018 година, Народната банка, која го има правото да издава книжни и ковани пари, ги замени банкнотите од 10 и 50 денари со нови полимерни банкноти.

Почнувајќи од 1996 година, НБРМ издава и јубилејни монети за колекционерски цели.

Денес, во земјава како платежно средство се користат книжни банкноти од 10, 50, 100, 200, 500, 1000 и 2000 денари и метални монети во вредност од 1,2,5,10 и 50 денари.

Банкнотите од 10, 50 и 100 денари се печатени во земјава, додека банкнотите од 500, 1000 и 5000 денари (издание 1996 година), се печатени во „Thomas De La Rue” во Лондон. Последното издание на банкнотите од 500 и 1000 денари од 2003 година е исто така изработено во TDLR. Монетите се ковани во ковалницата „Сувенир” во Самоков и се ликовно и техничко решение на Димче Бошкоски и Снежана Атанасова, вработени во ковалницата.

Македонските банкноти содржат повеќе заштитни елементи како што се воден печат, заштитен конец, инталјио печат, скриена слика, микро текст, двоен пасер и оптички променлива боја.

Триесет години подоцна, денарот останува стабилен и покрај низата кризи и премрежија низ кои помина државата. Првите години од монетарното осамостојување се одликуваа со хиперинфлација, рецесија, недоволно ниво на девизни резерви, макроекономска стабилност… Во октомври 1995 година беше воведена монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на тогашната германска марка, а од јануари 2002 година курсот на денарот се поврзува со еврото.

Монетарните политики што беа водени за време на конфликтот од 2001 година, глобалната финансиска криза од 2008 година и пандемијата на Ковид-19 не дозволија денарот да девалвира. Од Народната банка уверуваат дека и во актуелната ситуација со руско-украинската криза, денарот е стабилен и нема опасност од девалвација.

Во неодамнешното интервју за МИА, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска порача дека нема причина за промена на курсот.

– Со целата одговорност, Народната банка стои зад тоа дека денарот е стабилен и ќе остане и понатаму стабилен. Нема причина за промена на курсот, тоа никому нема да му користи, истакна тогаш Ангеловска-Бежоска, посочувајќи дека централната банка има капацитет и инструменти да го одбрани курсот на денарот, доколку се појави потреба од такво нешто, за што, како што нагласи, потврда се изминатите три децении кога низ многу кризи е одржана стабилноста на домашната валута.

Од Народната банка уверуваат дека денарот и во иднина ќе биде сидрото на стабилноста на македонската економија, нагласувајќи дека девизните резерви непрекинато се одржуваат во т.н. конфорно ниво, а банкарскиот систем е стабилен, ликвиден, доволно капитализиран и може да обезбеди кредитна поддршка за економска активност, пренесува МИА.