Вака се пишува CV кога немате работно искуство

1550

cv-pexels

Фото: Pexels

И луѓето без работно искуство некогаш мораат да напишат своја биографија. А што да стават во неа? Прво, не треба да се претерува со информации, сè треба да стои напишано кратко и јасно. Цели реченици се користат само при пишување на молба и резиме на биографијата, а не во самата биографија.

Биографијата е ваш службен документ, а не училишна работа, тоа треба секогаш да го имате на ум. Не е важна количината на информации, туку нивниот квалитет, пишува порталот mojprviposao.net.

Технички и визуелни совети

Прво, сè треба да биде едноставно и прегледно, без непотребни набројувања и фрази. Што се однесува до изгледот, најдобро е да се користи бела подлога, односно хартија без украси, сликички, шарени бои. Најдобар фонт е arial или calibri, големина 11 или 12, со подредување 1,5. “Bold” користете само за лични податоци и името на училиштето што сте го завршиле. Избегнувајте “italic” и подвлекување на некои зборови. Колку поедноставно, толку подобро.

Девет основни рубрики

Биографијата мора да содржи девет основни рубрики: лични податоци, профил, пракса, препораки, образование, странски јазици, компјутерски вештини, социјални мрежи и лични интереси.

Во лични податоци се набројуваат име и презиме, адреса, телефонски број (само еден) и e-mail адреса, која мора да биде официјална и да содржи варијанта од име и презиме. Во личниот профил недостатокот на работно искуство може да се компензира со набројување на подрачјата на работа што ве интересираат, вештини, две-три добри особини и други предности во извршување на таа работа, во две до три реченици. Тука може да се спомене и некое хоби доколку е корисно за конкретната работа.

Под пракса се подразбира и волонтирање и други работи што сте ги работеле – учество во некакви проекти или настани, способности што притоа сте ги усовршиле. Ако во текот на школувањето сте имале задолжителна пракса, побарајте препораки од надлежните. Ако пак немате баш ништо што да ставите во оваа рубрика, прескокнете ја.

Препорака од еден или двајца професори од подрачјето во кое би сакале да работите во иднина ќе биде доволно, а пожелно е, со претходно одобрување, да ставите и контакт од лицето што ви ја дало препораката.

Под образование, информациите започнете ги со факултетот, па средно училиште, но не и основното училиште. Наведете ги сите странски јазици што ги говорите, а ако имате некакви дипломи од центри за странски јазици, наведете ги и нив.

Основно што треба да наброите кај компјутерските вештини е познавање на MS Office пакетот и користење на интернет. Ако имате Linkedln профил, во категоријата на социјални мрежи ставете линк, како и линк од блог ако е близок до работата за која конкурирате. Профилот на Facebook не го наведувајте, освен ако не го користите за промоција на некоја работа.

Гледањето ТВ не е личен интерес

Во рубриката личен интерес наведете на пример читање стручна литература на странски јазик, посетување курс за сликање, разни работилници, спорт или било што што укажува на тоа дека слободното време го минувате активно, дека сте дисциплинирани, упорни, креативни. Гледањето ТВ и играњето игрици на компјутер не треба да се споменува.

Во биографијата никогаш не се ставаат неточни, непотполни или лажни податоци.