Кој во ЕУ работи најмногу, а кој најмногу отсуствува?

Во земјите на ЕУ, бројот на работни часови неделно е поголем кај вработените мажи, додека жените во поголема мера отсуствуваат од работа.

Ова е заклучокот до кој дојдоа аналитичарите на Хрватската служба за вработување (HZZ) чешлајќи ги податоците на Евростат.

Меѓутоа, разликите во двата критериуми, бројот на работни часови и уделот на оние кои отсуствуваат од работа, значително варираат од земја до земја.

Така, на пример, меѓу вработените со полно работно време на возраст од 20 до 64 години, според минатогодишните податоци, најголемата разлика во бројот на работни часови меѓу машките и женските работници е забележана во Холандија, каде мажите работат во просек 38,2 неделно, а жените 35 работни часа.

Нешто помала е разликата меѓу вработените мажи и жени во Ирска, каде што работната недела на мажите трае 39,6 работни часа, а на жените 36,8 часа.

Разликата меѓу бројот на работни часови е најмала во Романија, Латвија, Литванија и Унгарија, каде неделата трае речиси идентичен број часови за вработените од двата пола, пренесува Пословни дневник.

Рекордери на ЕУ по број на работни часови, со повеќе од 40 часа, се машките работници во Романија, Грција, Полска, Кипар и Словенија, додека жените не работат повеќе од 40 часа во ниту една земја членка на ЕУ.

Жените вработени во Романија (39,8), Бугарија, Литванија, Латвија и Словенија имаат најголем број работни часови.

Мажите во Белгија имаат најкратка работна недела (37,4 часа), додека кај жените тоа се Холанѓанките со гореспоменатите 35 часа. Што се однесува до хрватските податоци, тие се на ниво на ЕУ во златна средина – просечната работна недела на Хрватите е 39,1 час, а просечната работна недела на Хрватките е 38,3 часа.

За разлика од работното време во недела, жените генерално повеќе отсуствуваат од работа. Аналитичарите истакнуваат дека разликите во степенот на отсуство од работа меѓу одделните земји придонесуваат и за разликите што постојат во однос на регулирањето на боледување и родителско отсуство на работниците и нивна примена во секојдневниот живот.

Најголеми разлики во процентот на мажи и жени кои отсуствуваат од работа, според податоците за првиот квартал годинава, се забележани во поранешните социјалистички земји, а рекордери се Чешка и Словачка.

Во Чешка разликата е дури 10% (5,1% од мажите биле отсутни, а 15,1% од жените), додека во Словачка разликата е уште поизразена (4,8% од мажите и 15,1% од жените биле отсутни).

Оваа разлика во ЕУ, инаку, најмалку е видлива во Шпанија, а интересно е и тоа што само во една земја мажите повеќе отсуствуваат од работа отколку жените, а тој случај е Малта. Генерално, мажите и жените најмалку отсуствуваат од работа во Бугарија, Романија и Малта.