Porsche се соочува со сериозни проблеми во производството пред планираното IPO

53

Германскиот производител на премиум автомобили Porsche AG не може да испорача возила што веќе ги нарачале клиентите бидејќи се соочува со недостиг на компоненти, што го принудува да складира речиси готови автомобили во очекување на делови што недостасуваат, објави Automobilwoche.

Неколку стотици возила од најпрофитабилната марка во портфолиото на Volkswagen Group собираат прашина во магацините на фабриката во Лајпциг додека компанијата чека испорака на матрични фарови, изјави производниот менаџер Албрехт Рајмолд.

„Сега е важно кога ќе пристигнат деловите да се монтираат што е можно побрзо за нашите клиенти да не чекаат повеќе“, посочува тој.

Рајмолд се повика на затегнатата ситуација со синџирот на снабдување.

„Во моментов работите се многу напнати бидејќи мораме постојано да бидеме будни. Тешко е да се предвиди кога ситуацијата суштински ќе се подобри“, додава тој.

Ова е особено точно за достапноста на полупроводниците, каде што некои компании велат дека недостигот наскоро ќе се намали, додека други се помалку оптимисти.

Поради оваа причина, Porsche гледа потреба од промени во стратегијата.

„Гледајќи напред, треба повеќе да ги стандардизираме компонентите за да ја намалиме сложеноста во синџирот на снабдување“, истакнува Рајмолд.

Во основа, ситуацијата е „многу тешка, но се менаџира“, додава тој.

Сепак, не може да се предвиди како прекинот на испораката на гас од Русија ќе влијае на индустријата. Не се прават доволно напори од страна на големите производители на автомобили за да се зачува енергијата или да се добие од други извори.

„Затоа што ланецот секогаш се кине на најслабата алка. Некои области се особено зависни од гас, како што е производството на стакло на пример“, вели Рајмолд.

Porsche планира да ја спроведе својата иницијална јавна понуда (IPO) во четвртиот квартал од оваа година, чија цел е вреднување од повеќе од 60 милијарди евра.

На крајот на јули, Volkswagen објави дека подготовките за IPO продолжуваат.
„Продолжуваме да ги спроведуваме нашите планови за можна иницијална јавна понуда (IPO) на Porsche подоцна оваа година. Подготовките се во тек, а одлуката се очекува на крајот на летото“, рече главниот финансиски директор на Volkswagen, Арно Антлиц.

Во последниве месеци, концерните за автомобили постојано мораа да го прекинуваат производството или дури и целосно да ја прекинат работата поради недостаток на компоненти. Porsche испорача 145.860 возила на клиентите во првата половина на 2022 година, што е пад од 5 отсто во споредба со истиот период претходната година.

Покрај тензичната ситуација на пазарот на полупроводници, има и проблеми со логистиката поради мерките за коронавирус во Кина и војната во Украина.

IHS Markit проценува дека само германските производители на автомобили ќе се соочат со пад на производството од 700.000 возила од нивните првични планови.