Извршниот директор на Адидас ја напушта компанијата

Генералниот директор на Адидас, Каспер Рорстед поднесе оставка, потврдија од компанијата, што ќе го принуди производителот на спортска опрема да бара ново лице за челната позиција во компанијата.

Промената на врвот на компанијата е само еден од низата проблеми со кои се соочува компанијата во последно време, покрај пандемијата на вирусот Ковид-19 .

„По три тешки години обележани со економските последици од пандемијата и геополитичките тензии, вистинско време е да се започне промена во раководството и да се отвори патот одново“, се вели во официјалното соопштение на компанијата.

Рорстед, кој ја презеде компанијата во 2016 година, беше пречекан со ентузијазам и не може да се каже дека нема резултати. Од 1 август 2016 година, кога го презеде управувањето со компанијата, вредноста на акциите на Адидас постојано се зголемува.

Сепак, во последните 12 месеци акциите на компанијата бележат пад, а нивната вредност речиси се изедначи со онаа од 2018 година. Само оваа година, акциите на Адидас изгубија околу 37 отсто од својата вредност, што ги прави една од акциите со најлоши перформанси на индексот Euro Stoxx 50.

Одлуката Рорстед да се повлече од функцијата извршен директор беше донесена заеднички од самиот Рорстед и од надзорниот одбор на компанијата, изјави за Блумберг извор запознаен со дискусиите. Според изворите, Рорстед се чувствувал преморен откако раководел со компанијата за време на пандемијата, а станал мета на критичарите по објавувањето на наводите дека компанијата доцнила со плаќање кирија на одредени продажни места.

Директорот во заминување потпиша петгодишен договор во 2020 година и ќе остане на функцијата додека не се најде соодветна замена за него во следните 12 месеци, соопшти компанијата.