Германската амбасадорка Холштајн во работна посета на „Алкалоид“.

91

За време на посетата, амбасадорката Холштајн, чиј домаќин беше работна група на компанијата, предводена од Генералниот директор и Претседател на УО, г. Живко Мукаетов, беше запознаена со резултатите од работењето на компанијата, деловните активности, нејзините пласмани и со производственото портфолио. Беа презентирани и големиот број инвестиции кои континуирано ги реализираше „Алкалоид“ низ годините, извозните операции на компанијата, како и големиот број активности и проекти во делот на корпоративната општествена одговорност.

Посебен акцент беше ставен врз Програмата за практикантство на „Алкалоид“ со дел од образовните институции за високо и за средно образование, која успешно се развива врз основа на позитивните пракси од европските модели на дуално образование, чија цел е зголемување на ефикасноста на образовниот потенцијал и продукција на стручен и обучен кадар, кој ќе биде способен да одговори на барањата на македонскиот пазар на трудот.

Амбасадорката Холштајн го изрази своето задоволство од успешното работење на „Алкалоид“, како и од успешната соработка со германски компании на тамошниот пазар, особено осврнувајќи се на високото ниво на технолошка опременост и на човечкиот капитал кој управува со процесите во „Алкалоид“, со кои имаше можност да се запознае директно, преку обиколка на производствените капацитети и на Институтот за истражување и развој, каде што голем дел од инсталираната опрема е набавена од германски производители. Во текот на посетата беа презентирани и напредните информатичко-комуникациски практики во компанијата и придобивките од САП-системот, кој, исто така, е германско софтверско решение.

„Среќна сум што имав можност да ја посетам компанијата Алкалоид, која е македонска гордост и најдобар пример за највисоки корпоративни вредности, постојан раст, вложување во развој, едукација, општествена одговорност и грижа за животната средина. Им посакувам уште поголеми успеси дома и во светски рамки.“, истакна Н.E., г-ѓа Холштајн.

Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, г. Живко Мукаетов, изрази задоволство од оваа работна средба, која е од големо значење за продлабочување на билатералната соработка.

„Вистинска чест е што денес како компанија имаме можност да го презентираме нашето работење пред Амбасадорката на Сојузна Република Германија – најголемиот трговски партнер на нашата земја. Презентирајќи ги операциите, ние ја потврдивме нашата заложба кон глобализацијата на брендот ‘Алкалоид’ и посветеноста на континуиран раст и развој на компанијата“, истакна г. Мукаетов.

Германија е еден од најбрзорастечките извозни пазари на „Алкалоид“, од особено стратешко значење, каде што компанијата оствари пласмани од близу 3 милиони евра во 2021 година, бележејќи раст од 160 % во однос на 2020 година.