Инфлацијата во еврозоната во август надмина девет отсто

63

Инфлацијата на потрошувачките цени во еврозоната надмина во август девет отсто и достигна ново рекордно ниво, во ситуација на континуирано силно поскапување на енергенсите и храната, покажуваат најновите проценки на Еуростат.

Првата проценка покажува дека растот на потрошувачките цени во 19 земји кои ја делат заедничката валута, искажан со хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (ХИЦП), во август повторно забрзал на годишно ниво, достигнувајќи 9,1 отсто, по 8,9-отстониот раст во јули.

Со тоа инфлацијата во еврозоната го достигна најновото највисоко ниво откако Еуростат почна да ги објавува извештаите во јануари 1996 година.

Во споредба со јули потрошувачките цени во еврозоната во просек пораснаа за 0,5 отсто, покажуваат податоците.

Главната причина за континуираното јакнење на инфлацијата и понатаму е скокот на цените на енергијата, поради шестмесечната војна во Украина и санкциите против Русија поради инвазијата на соседната земја и засилената неизвесност на снабдувањето на Европа со руски гас.

Цените на енергијата во минатиот месец во еврозоната беа за 38,3 отсто повисоки отколку во истиот месец минатата година, откако во јули беа поголеми за 39,6 отсто. На месечно ниво останаа непроменети.

Забрза растот на цените на храната, алкохолните пијалаци и тутунските производи, на 10,6 отсто, од јулските 9,8 отсто. На месечно ниво поскапувањето е еден отсто.

Балтичките земји во август забележале највисока годишна стапка на инфлација, а најсилно повторно пораснаа цените во Естонија, 25,2 отсто. Во Летонија и Литванија се зголемени за 21,1 односно за 20,8 отсто.

Половина членки на еврозоната имаат двоцифрени стапки на инфлација, а во групата со раст на цените во распон од 10 до 20 отсто највисока бележат Холандија и Словачка, од 13,6 односно 13,3 отсто.

Во Германија и Италија, првата и третата најголема европска економија, цените пораснаа за 8,8 односно 9 отсто.

Најниска годишна инфлација во август имала Франција, втората најголема економија во еврозоната, каде изнесувала 6,5 отсто, покажуваа проценките на Еуростат.