Apple вчеравечер и официјално ги претстави своите два нови паметни телефони iPhone 5S и iPhone 5C. Директорот на Apple, Тим Кук, прво го претстви поевтиниот iPhone 5C, нова линија на популарниот телефон која е наменета за широкиот пазар. iPhone 5C има екран од четири инчи, појака батерија, камера од осум мегапиксели, а ќе може да се купи во зелена, жолта, бела, сина и црвена боја. Во САД ќе биде достапен по цена од 99 долари (16 GB) и 199 долари (32 GB), со потпишување на двогодишен договор.
Главна ѕвезда на вечерта беше iPhone 5S, кој ќе биде двојно побрз од својот претходник (А7 процесор), додека екранот останува со иста големина. Батеријата ќе биде посилна, а камерата има 15% поголема површина на сензори. Безбедноста на телефонот е подигната на повисоко ниво, со тоа што корисниците ќе можат да го отклучуваат со отпечаток од прстот. Ќе се продава во црна, сребрена и златна боја, а цената е од 199 (16 GB), 299 (32 GB), до 399 долари (64 GB), со двoгодишен договор.
Продажбата на двата телефони започнува на 20 септември и тоа во САД, Кина, Австралија, Канада, Јапонија, Сингапур, Франција и Велика Британија, а на пазарите на другите земји треба да се најде до декември.
На конференцијата беше најавено дека iOS 7 ќе може да се симнува веќе од 18 септември, а ќе можат да го преземаат корисниците кои имаат iPhone 4 и понови уреди, како и оние со iPad 2 и понови iPad-и.