Интервју со Суџубаши: Халкбанк е сигурна и стабилна банка, подготвена за справување со секакви кризи

1462

„Моменталната криза е светска криза и како ќе се развиваат работите кај нас нормално зависи од тоа како глобалната економија ќе се справи со овие шокови. Очекувањата за растот на глобалната економија во 2022 и особено во 2023 година се неповолни како одраз на продолжениот воен конфликт во Украина и енергетската криза, којашто е особено нагласена во еврозоната која за земјава е најважна како нејзин најголем трговски партнер. Оттаму и резултатите кои ние како банка ќе ги оствариме ќе го отсликаат влијанието на трендовите во економијата. Но, сепак нашата позиција и позитивниот раст и годинава ќе бидат стабилни“, вели Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје во интервју за „Бизнис инфо“.

Со првиот човек на банката која е најбрзорастечка во земјата, една од големата „банкарска петорка“ и силен бренд кој влева сигурност и доверба, поразговаравме за кризата, но и за начините на работа и резултатите на Банката, како и за иднината на банкарското работење.

Како ја оценувате моментално состојбата на банкарскиот сектор во Македонија, во позадина на економската криза како и војната во Украина? Останува ли тој стабилен и во ваква ситуација? Каде најмногу напредувал и каде има сè уште простор за развој?

-Една од предностите на Северна Македонија е таа што македонскиот банкарски сектор е стабилен, поставен на добри фундаменти. Таа стабилност овозможува справување со сите евентуални шокови и истовремено дава солидна кредитна поддршка за закрепнувањето на економијата во услови на криза. Тој има доволен капацитет да ја задржи својата стабилност и да биде важна поддршка за домашната економија. И тоа постојано го докажува. Банкарскиот сектор во изминатите години помина низ две поголеми кризи, светската финансиска криза во 2008 година и здравствената криза предизвикана од Ковид19. При здравствената криза овој сектор даде силна поддршка и на државата за да може да се справи со последиците од кризата, но и на граѓаните и на стопанството. Истовремено и граѓаните и стопанството ја задржаа својата доверба во банките што најдобро се огледа во растот на депозитите. А својата стабилност ја покажува и сега во услови на кризата предизвикана од Руско-Украинскиот конфликт.

Значајно за земјава инаку е и тоа што постојано успешно се одржува стабилноста на денарот, што се должи на соодветното ниво на девизните резерви, кои, на пример, според објавените податоци, во споредба со глобалната финансиска криза од 2008 ‒ 2009 година се двојно повисоки, а повисоки се и во однос на претпандемискиот период. И секако се должи и на капацитетите на централната банка за успешно бранење на курсот на денарот.

Кога зборуваме за напредокот во банкарскиот сектор, секако наjголем напредок претставува обезбедување на токму таа стабилност, во што е вложено многу труд бидејќи, пред сè, требаше да се врати довербата во банкарскиот сектор која беше разнишана во годините по распадот на поранешната заедничка земја. А кога зборуваме за простор за развој, секако дека има. И тој се отвора со дигитализацијата. Иако банките се, да речеме, конзервативни институции, сепак дигитализацијата е во фокусот на банките и мислам дека во иднина ќе биде еден од клучните сегменти во банкарството каде што новите конкурентски предности ќе се компарираат. Живееме во време на глобализација, каде што клиентите имаат пристап и можност да ги согледаат сите искуства. Во денешно време многу лесно, со деловните комуникации со странство, деловни патувања и секако можноста за едукација преку интернет, се согледуваат меѓународните искуства. Затоа, следењето нови трендови и во банкарското работење е многу важно бидејќи клиентите ова го препознаваат. Дигитализацијата и новите технологии секако се иднина и на банкарското работење и ние настојуваме да бидеме во чекор со нивниот развој.

Како генерално Халкбанк се справува во овие неколку години, прво пандемија на Ковид-19, па сега проследено со една од најголемите кризи?

-Халкбанк е сигурна и стабилна банка, подготвена за справување со секакви кризи. Тоа го докажавме и при здравствената криза кога излеговме со силна поддршка кон државата, граѓаните и стопанството. Предвремена исплата на обврските кон државата, одложено плаќање на обврските на граѓаните и стопанството кон банката, зголеменото кредитирање и кај двата сектори, посебни мерки за поддршка на малите стопански субјекти, но и низа акции за помош на заедницата, беше само дел од она што го преземавме во екот на најголемата криза.

Тоа секако можевме да го направиме поради својата стабилност, на што работиме сите години откако сме на македонскиот финансиски пазар. Со многу труд, работа и знаење успеавме за една деценија, откако ја преземавме ИК Банка, да станеме најбрзорастечка банка во земјава, една од петте големи и системски значајни банки во Северна Македонија и силен бренд кој влева доверба кај клиентите.

Колку е силна довербата на клиентите во Халкбанк можеби најдобро се отсликува во тоа што и покрај новонастанатите услови предизвикани од пандемијата со Ковид-19, благодарение на понуда на производи прилагодени на барањата на пазарот и нивно соодветно комуницирање пред клиентите, успеавме да ја зголемиме депозитна база и да го зголемиме кредитирањето. Одличните резултати остварени во сите сегменти на банкарското работење, поголеми од она што се показатели на ниво на секторот, придонесоа Халкбанк АД Скопје во 2021 година да оствари добивка од 10.6 милиони евра, што претставува пораст од 18% во однос на 2020 година. Ние како Халкбанк и во услови на пандемични влијанија, ланската година ја завршивме со раст на кредитирањето, пораст на депозитната база и раст на актива од 8,8%.

Со ваквите резултати секако сме задоволни особено што се остварени во услови на здравствена криза и економски проблеми предизвикани во голема мера од нарушувањата во глобалните синџири на снабдување и производство и актуелната енергетска криза, што неминовно доведе до инфлација и кај нас. Нашата банка остана сериозен, стабилен и лојален партнер на граѓаните, стопанството и генерално на целото општество.

Кога зборуваме за нашата стабилност, сакам да го потенцирам и фактот дека од 2011 година откако како бренд постои на македонскиот пазар, Халкбанк АД Скопје e едниствената банка на пазарот која редовно се докапитализира од страна на матичната банка и врши реинвестирање на својата добивка, се со цел, овозможување зголемено кредитирање и воведување нови иновативни услуги. Тоа се случи и годинава и нашиот капитал е зголемен за нови 40 милиони. По основ на докапитализација со нови 30 милиони евра од матичната банка Халкбанк АШ Турција, и по основ на распределба на минатогодишната добивка во износ од 10  милиони евра.

Иако е рано, какви резултати очекувате за 2022 година? 

-Очекувано, резултатите секако ќе го отсликаат влијанието на трендовите во економијата. Проекциите за раст на глобалната економија, вклучително и домашната, се корегираат  како одраз на продолжениот воен конфликт во Украина и енергетската криза, којашто е особено нагласена во еврозоната. Ова доведува до подолготрајното опстојување на високите нивоа на инфлација и посилното затегнување на глобалните финансиски услови, најавите за натамошно зголемување на странската каматна стапка ЕУРИБОР, променливост и непредвидливост на надворешните економски и финансиски услови…..Значи ризици има многу, па од тоа ќе зависат и финансиските резултати.

Но, ние сепак нашата позиција и позитивниот раст и годинава ќе бидат стабилни.

Дали во овој период се забележува зголемување на заштедите на граѓаните? 

-Во земјава постојано има раст на депозитите. Граѓаните знаат дека банките се најсигурно место за нивните пари и тоа постојано го докажуваат, па и во услови на криза. Заштедите растеа и во време кога светот беше на удар на економската криза, истото се случи и при здравствената криза, растеа и кога се намалуваа каматите. Тоа секако е резултат на фактот што македонските граѓани имаат силна доверба во домашните банки.

Во земјава последниве 10 години просечниот раст на депозитите е околу 8%. Има мали осцилации, но постојано има раст. Ете и во 2019 година, кога почна пандемијата, повторно имаше раст на депозитите. Ланската година на ниво на банкарскиот сектор тој изнесуваше 8,9%.

Растот на заштедите продолжува и сега, особено поради фактот што се наметнува таква потреба, но и поради тоа што каматните стапки одамна не биле како на сегашно ниво.

Како се движеше динамиката на кредитирањето и депозитите во услови на криза во изминатава година? 

-Ние како банка имаме константно успешни пласмани и реализација на таргети и во двата сектора, корпоративен и население.

Еве како пример и преклани, во 2020 годината, кога почна здравствената криза, забележавме раст на депозитите од 23%. Растот и покрај продолжената здравствена криза и пониските каматни стапки, продолжи и во 2021 година која ја завршивме со раст на депозити од 10% и депозитна база од 910 милиони евра.

Растот на нашата депозитна база во секој случај покажува колку е голема довербата на клиентите во Халкбанк, нешто на што ние работиме перманентно уште од влезот на македонскиот финансиски пазар. Освен тоа, ние сме познати и по разновидната понуда на различни депонентни производи, прилагодени на потребите на клиентите и секако постојаното воведување нови, атрактивни производи. И би посочил, со камати кои се навистина конкурентни за пазарот.

Ние годинава, согласно зголемувањето на основната каматна стапка на НБРМ, а согласно и нашата стратегија за посветување големо внимание на депозитната база, извршувме зглемување на каматните стапки. Притоа во јуни се корегираа каматните стапки кај Генералното штедење,  за рок на штедење од 6 до 36 месеци и истите се зголемија за 3 процентни поени. Односно, ако за орочување од 36 месеци досега каматната стапка изнесуваше 1,20%, сега таа е 1,50%. Следствено на ова, се зголемија и каматните стапки кај производите Отворен депозит, кој е со рок на орочување од 12 месеци и кај Детското штедење, во сите рочности.

Во текот на летото излеговме и со нови каматни стапки кај нашиот производ Летен депозит. Деновиве, во октомври кој е светски месец на штедење промотивно извршивме зголемување на каматните стапки кај Промо депозитот овозможува штедење во денари или во евра, а орочувањето може да биде на 13 и 25 месеци. Каматната стапка на Промо депозитот до крајот на октомври за штедни влогови во денари, орочени на 13 месеци изнесува 2,4%, односно 1 отсто за штедење во евра. За орочување на период од 25 месеци каматната стапка е 2,7% за денарско штедење, односно 1,5% за штедење во евра.

Што се однесува до кредитирањето и тука и во услови на криза остваривме одлични резултати. Кај кредитирањето лани остваривме пораст од 12%, односно тоа изнесуваше 800 милиони евра. Двоцифрен раст на кредитирање остваривме во двата сектора – население и стопанство. Кредитирањето на правни лица забележа раст од 10%, додека, пак, кредитирањето кон население имаше раст од 13%. Во 2021 година имаме одобрено 9.765 нови кредити на граѓаните. Кога зборуваме за кредитирање на правни лица, најголем пораст забележавме кај кредити дадени на мали бизниси каде имаме пораст од 18% во однос на 2020 година. Односно, според големината на компаниите, имаме одобрено 196 кредити на големи компании, 267 – на средни, дури 1.423 на мали и 620 на микро бизниси. Ова повторно говори за кредитната поддршка која нашата Банка несебично ја даде на бизнисите во РСМ.

Овој тренд на раст на депозитната база и на кредитирањето продолжи  и годинава. На крајот на јуни Халкбанк имаше актива од 1.216 милиони евра, што значи пораст за 34 милиони евра за шест месеци. Половината од годината банката ја заврши со одобрени кредити во висина од 871 милиони, од кои 459 милиони евра на правните лица и 413 милиони евра на население. Во првото полугодие и покрај новата криза, онаа предивикана од украинско – рускиот конфликт, граѓаните продолжија да штедат во Халкбанк и нашата депозитна база во првите шест месеци се зголеми за околу 24 милиони евра, односно изнесуваше речиси  934 милиони евра. Првото полугодие од 2022 година Халкбанк ја заврши и со нето профит од околу 3,4 милиони евра.

Каков е интересот за станбени кредити и финансирање на проекти за енергетска ефикасност во време на економска и енергетска криза? 

-Станбените кредити кај нас се едни од најбараните, веднаш по потрошувачките. Лани, на пример, имаме склучено 1060 договори со наши клиенти. Кај станбениот кредит всушност и остваривме најголем раст од дури 25% во однос на 2020 година. Ова секако се должи на одличниот производ кој го понудивме на пазарот – Станбен кредит со полиса за осигурување со што клиентите добија извонредна можност да купат стан, куќа, деловен простор или да извршат рефинансирање на изложеноста во други банки по поволни услови.

Кога зборуваме за кредитирање на мерки за енергетска ефикасност, евидентно е дека расте свеста и на граѓаните и на стопанството, односно на државата во целина, дека зелената и дигиталната трансформација во иднина можат да придонесат за градењето посилни економии отпорни кон шокови. Еве и Народна банка од овој месец почна да објавува квартални податоци за одобрени „зелени“ кредити како една од активностите за создавање „зелена“ и одржлива економија.

Од овие податоци може да се види дека постои тренд на раст на „зеленото“ кредитирање на ниво на банкарскиот сектор. На пример, овие кредити во 2019 година учствуваа со 2,2% во вкупното кредитирање, односно беа одобрени кредити во вредност од околу 116 милиони евра. Годинава, пак, само во прво полугодие се одобрени кредити во вредност од 181 милиони евра, што е учество од 2,8% во вкупните кредити.

Ние сме горди што Халкбанк во државата е препознаена како Еко ориентирана банка која спроведува низа акции како свој придонес за заштита на животната средина. И тоа не само преку кредитирање „зелени“ проекти, туку и со низа општествено одговорни активности и акции во насока на подобрување на состојбата во животната средина и истовремено подигање на свеста за тоа дека сите имаме ист дом – планетата Земја и дека треба да се грижиме за тоа каков дом ќе оставиме на нашите деца и идните генерации.

Во поглед на кредитирањето, успешната соработка меѓу Green for Growth Fund, Југоисточна Европа (GGF) и Халкбанк АД Скопје придонесе за склучување договор за втор голем кредит во износ од 10 милиони евра кој и овозможува на Халкбанк преку своите еко кредитни производи  да обезбеди фиансирање на проектите за енергетска ефикасност (ЕЕ), какви што се   замената на енергетски неефикасните системи за снабдување со топлина и надградувањето на надворешната ѕидна и покривна инсталација, системите за греење и осветлување и останати уреди. Кредитните производи за ЕЕ кои се насочени кон деловните клиенти вклучуваат и замена и/или надградување на енергетски неефикасната производна опрема и останатиот дел од опремата што се користи во текот на производните процеси. Кредитот од GFF, исто така, ќе го олесни и пристапот до кредити во руралните области и ќе овозможи замена и модернизирање на застарената опрема за земјоделство.

Нашиот потрошувачки Еко-кредит за физички лица за финансирање проектите за енергетска ефикасност  е со максимален износ до 600.000 денари, рокот на отплата до 95 месеци со вклучен грејс период во траење до 3 месеци. Варијабилната каматна стапка е дефинирана како: 3,75 процентни поени + референтната стапка за пресметување на законската каматна стапка која во моментов изнесува 2%(5.75% номинална годишна). Кредитот треба да се искористи наменски врз основа на доставена фактура/про-фактура од трговецот.

И за правните лица е креиран ЕКО кредит како помош на деловните субјекти за намалување на трошењето и издатоците за енергија, а со тоа и намалување на испуштањето  јаглероден диоксид.  Овде кредитите се со износ до 10 милиони евра, со грејс период до 6 месеци и 5,3% фиксна каматна стапка за краткорочни кредити, односно 5,3 п.п + 6м ЕУРИБОР годишно, за долгорочни кредити.

Компаниите и граѓаните се почесто ја избираат Халк банка за своите потреби. Зошто е тоа случај? 

-Би рекол поради стабилноста, големината и важноста на брендот, поради разновидната понуда и прилагодени услуги и производи за различни таргет групи, но и поради фактот што се препознава брендот во линија на неговите вредности и општествената одговорност што е факт што сè повеќе привлекува нова и лојална клиентела на банката и тоа како во секторот население, така и во корпоративниот.

Еве на пример лани  клиенти на нашата банка станаа 1.976 од вкупно 8.662 нови правни субјекти кои се формираа во 2021 година. Односно, речиси секоја четврта фирма ја избра Халкбанк АД Скопје за своја матична банка. И тоа ова не се однесува само на Скопје како најголем град, каде има и најмногу новорегистрирани компании, туку и на другите градови.

Она на што сме особено горди, а што веруваме се препознава од клиентите, е што сме лидер во воведување нови технологии и производи базирани на нив. Всушност, нас во Халкбанк постојано ни е во фокус воведувањето нови технологии. Ние многу рано почнавме со електронско и мобилно банкарство. Во екот на здравствената криза воведовме производ Онлајн депозит, со кој секој, едноставно, од својот компјутер или мобилен може да креира депозит. Годинава излеговме и со Онлајн кредит, каде исто така, без потреба од одење во банка, може да се дојде до кредитни средства, едноставно преку интернет. Ние сме практично и прва банка која има креирано вакви онлајн производи.

Сето она што го правиме, вклучително и поддршката за заедницата, се препознава од клиентите кои ја одбираат токму Халкбанк за свој партнер.

Што мислите дека треба да направат властите за економијата да ги надмине проблемите? Целиот свет предвидува тешка зима, па и цела следна година. Каде треба најмногу, според вас, да се насочат силите?

-Моменталната криза е светска криза и како ќе се развиваат работите кај нас нормално зависи од тоа како глобалната економија ќе се справи со овие шокови. Очекувањата за растот на глобалната економија во 2022 и особено во 2023 година се неповолни како одраз на продолжениот воен конфликт во Украина и енергетската криза, којашто е особено нагласена во еврозоната која за земјава е најважна како нејзин најголем трговски партнер.

Во моментов и Централната банка и Влада вложуваат напори за одржување како на монетарната стабилност, така и за обезбедување на потребните енргенси и справување со ценовите шокови, што е проблем со кој се соочуваат сите земји.

Она на што треба да се обрне внимание, а што досега беше некако запоставено, секако е енергетската политика, што е инаку тема на дискусија во повеќето земји низ светот поради  растечките цени за енергија. Енергијата станува сè поредок ресурс и затоа инвестициите во модерни, енергетски ефикасни технологии и системи за управување со енергија стануваат важни. За поздравување се новите законски решенија на државата кои овозможуваат граѓаните да произведуваат електрична енергија на нивните покриви како и олеснувањето на постапките за инсталирање фотоволтаични системи кај индустриските објекти, како и независни системи за производство на електрична енергија.

Сево ова секако не може да се направи преку ноќ, но енергетската криза веројатно сите не поттикна да размислуваме за важноста на енергијата и потребата од обезбедување најразлични извори за нејзино производство.

Кој е следниот голем проект кој Халк го планира во С.Македонија? 

-Наша цел во наредниот период ќе биде и проширувањето на опсегот на иновативни производи и услуги со цел да се обезбеди задоволство на клиентите, обезбедување супериорни производи и услуги за реалниот сектор, прифаќање на пристап на висококвалитетна услуга ориентирана кон клиентите и преземање континуирана грижа за истите. Проектите, и големи и мали, постојано ги спроведуваме и нижеме во полна пареа. Секако, фокусирани сме кон обезбедување и на континуиран развој и мотивација на вработените и следење на глобалните банкарски трендови со цел Халкбанк да биде првата банка што ќе ги спроведе и доближи истите и на македонскиот пазар. Најважно, во сета оваа мисија, никако не ги следиме само бизнис интересите, туку вниманито ни е насочено кон тоа целото општество да го чувствува нашиот ангажман и допринос во неговит развој.

В.З.