Германската влада ја одобри жестоко оспорената кинеска понуда за купување на удел во контејнерскиот терминал во пристаништето Хамбург, објавија агенциите.
Според компромисниот предлог, на Cosco Group ќе и биде дозволено да купи 24,9 отсто од акциите во терминалот Tollerort, наместо претходно предвидените 35 отсто, велат изворите.
Нешто помал дел од една четвртина, нема да му дозволи на кинескиот партнер да има суштинско влијание во управувањето со терминалот. Дополнително, Коско нема да ја добие функцијата генерален менаџер, ниту право на вето на одлуките.
Во Владата се водеше жестока дебата дали да се дозволи продажба на акции од витална инфраструктура на Кина, со оглед на искуството со Русија и зависноста од испораките на руски гас, пишува агенцијата ДПА.
Министерот за економија Роберт Хабек предупреди дека проблемите со испораката на гас докажуваат дека Германија не смее да дозволи повторно да зависи од друга земја.











