Производителот на пиштоли Глок постигна рекорден приход

Познатиот австриски производител на пиштоли Глок постигна рекордни резултати во 2021 година, втора година по ред, а со тоа приходите се зголемија за 13,9 отсто на 888,8 милиони евра.

„Минатата година беше обележана со зголемена побарувачка и производство“, велат од концернот. Според виенскиот весник „Курир“, добивката на компанијата пред оданочување се зголемила за околу 50 милиони евра на 262,69 милиони евра.
Кога ќе се одбијат сите даноци и обврски, добивката на компанијата е 197,3 милиони евра.

Во исто време, компанијата го зголеми бројот на вработени за 380 на 2.360, пред се во американскиот производствен погон.

Побарувачката во САД е голема, а на профитот на компанијата влијаеше и договорот склучен со француската армија. Имено, француската армија нарачала 75.000 пиштоли и дополнителна опрема.

Што се однесува до другите деловни зделки, Глок не сака да ги објавува во јавноста.Инаку, пиштолот Глок е омиленото оружје на многу полицајци и специјалци. Така ги користат ФБИ, португалската полиција и многу други.

И во Австрија, Глок со децении е стандардна опрема на австриската полиција и армија.