Драматичен пад на продажбата на електрични возила во Германија

На повеќегодишниот бум во продажбата на електрични возила на германскиот пазар веројатно му се ближи крајот. Поскапувањето на струјата и повлекувањето на државните стимулации не се единствените причини.
Германскиот експерт за автомобилска индустрија Фердинанд Дуденхофер очекува драматичен пад на продажбата на е-возила следната година на 362.000, од ​​720.000 единици во 2022 година.

Клучни фактори за падот на продажбата се повлекувањето на дел од субвенциите за нови возила и енормното поскапување на струјата, изјави Дуденхофер.

Центарот за автомобилски истражувања (CAR) предвидува продажба на 484.000 нови електрични возила, со пазарен удел од 21,3 отсто.

Следната година сојузната влада целосно ќе ги укине субвенциите за plug-in хибридите, а за чисто електричните автомобили постоечките субвенции од 7.500-9.000 ќе се намалат на 4.500-6.750 евра.

Згора на тоа, фондот за тие субвенции е заклучен и, според проценката на ЦАР, ќе се исцрпи на крајот на 2023 година. Од септември следната година државата ќе ги укине премиите за службените возила.

Дополнително, цената на струјата е речиси тројно зголемена од почетокот на годината, а поскапува и производството на батерии, предупредува Дуденхофер.

За разлика од водечките пазари за е-автомобили, Кина и САД, Германија се бори да го трансформира транспортниот сектор, додаде експертот. Тој предлага државата да плаќа премии за иновации подолго од планираното.

Закрепнувањето ќе биде тешко пред 2025 година и со зголемено производство на литиум-јонски батерии во Европа, помасовно производство на електрични возила и поевтина струја.