Интервју со Јосифовски: На угостителите им следува тежок период на истрајност, трпеливост и континуитет во своето работење

519

Агонијата со пандемијата Ковид-19 и вртлогот од ценовните шокови на енергенсите и суровините во кои западна угсотителската индустрија изминатиот период тешко дека ќе може преку ноќ да се надминат. На угостителите им следува тежок период на истрајност, трпеливост и континуитет во своето работење со цел да исчекаат нормализирање на животот во надеж дека полека ќе се вратат поголем дел од постојните навики на социјализација која се одвиваше во угостителските објекти, вели Здравко Јосифовски претседател на Независната угостителска комора (НУК) во интервју за „Бизнис Инфо“.

Недостатокот од професионални угостителски работници, вели тој, е се уште присутен и ќе биде хронично присутен во наредниот период. Во однос на масивните отпуштања, смета дека угостителите никогаш не би ја примениле мерката на било какви отпуштања на свои вработени доколку не бидат приморани поради економски неисплативо работење.

-Се повеќе се појавува нова времена потреба на угостителски работници за време на т.н. пикови во работењето на угостителските објекти, како што се ударни вечери или настани кои се генерално во петок и сабота со која се соочуваат во моментот и за која нема алтернативно решение. Едно е факт – угостителите се спремни и се повеќе се откажуваат и целосно од своите планирани добивки кои ги остварувале во овој и во наредниот период се со цел да ги одржат во функција своите угостителски објекти, посочува Јосифовски.

За енормното покачување на цените во угостителските објекти, претседателот на НУК вели дека корисникот и гостинот секогаш ќе замерат на угостителот дека било какво покачување е нереално направено.

– Замислете само ако еден угостителски објект за својата затворена зимска тераса од 60-80 м2 за затоплување да овозможи пријатна атмосфера на своите гости за кафе, пијалак или ручек/вечера минатите години трошел помеѓу 25 и 35 илјади денари за користени енергенси без разлика дали било струја, плин или дрво сега трошоците за истото изнесуваат најмалку 3 пати повеќе, вели тој.

Каква помош од властите му треба на угостителскиот сектор за да не колабира во следните неколку месеци?

-Енормните покачувања на енергенсите неопходни за непречено работење на угостителскиот сектор ја доведе целокупната индустрија до прашање за економска исплативост во работењето за наредниот период. На секој чекор слушаме како Владата носи нови мерки и субвенции за повеќе различни индустрии меѓутоа во ниеден момент не слушнавме дека помислила или планира да направи нешто и за угостителската индустрија.

Доколку Владата сака да милува и понатаму за убавините и туризмот на Македонија тогаш неопходно е да донесе и брзо примени мерки и субвенции со кои на угостителите ќе им се овозможи да ги намалат трошоците за користење на енергенси и ќе им овозможи безусловна достапност до бескаматни кредитни линии на сите угостители заинтересирани во вложување во мали системи за производство на електрична енергија како што се фотоволтаични мини централи или когенеративно производство на електрична и топлинска енергија со користење природен гас. Кредитните линии треба да овозможуваат и поддржуваат и инвестирање во батериски системи за обезбедување 24/7 континуирано снабдување со електрична енергија.

Од друга страна Владата мора под итно да направи програма и да понуди и субвенции и долгорочни кредитни линии за унапредување и развој сезонскиот и руралниот туризам на сите угостители и останати граѓани на Македонија кои сакаат да инвестираат и да се развиваат во оваа индустрија.

На што најмногу се жалат угостителите во овој период на енергетска и економска криза?

-И покрај тоа што посматрајќи од страна на прв поглед може да се увиди дека во голем број на угостителски објекти не недостасуваат гости, вистината е сосема друга. Иако бројот на гости во периоди и локации варира дури и на дневна основа, побитно е што новата структура на гости и потрошувачки навики се целосно променети. Недостиг на континуитет на странски гости со подолгорочен престој во Македонија исто така допринесува во остварување на намалени приходи кај голем број угостителски објекти без разлика дали тоа се хотели или ресторани. Резултатот на сето ова се смалени приходи кај угостителите од една страна, додека од друга страна секојдневно се соочуваат со зголемени трошоци и обврски кој веќе неможат да се подмируваат на време согласно превземените обврски.

Цените во рестораните се покачени за 100 отсто, а продолжуваат да се зголемуваат, малтене од ден на ден. Кога очекувате стабилизација на цените?

-Угостителите настојуваат минимално во рамките на можностите изминатиот период да вршат корекција на цените. За жал големата флуктуација на ценовната политика на добавувачите и енергенсите ги приморува угостителите во континуитет задоцнето да ги усогласуваат и цените на своите услуги и производи. Моментот кога ќе се стабилизираат ценовните шокови и цените на снабдувачите, ќе биде и моментот кога угостителите ќе можат да направат проверка и усогласување на актуелните цени и да имаат подолгорочни менија со стабилни и сигурни цени.

И покрај големата инфлација и генерално зголемувањето на цените на основните суровини и производи, дали се реално покачени цените во угостителскиот сектор? Голем број граѓани мислат дека тие се нереално покачени…

-Дали навистина минималните покачувања и усогласувања на цените на своите производи и услуги што ги направија угостителите се и реално покачени цени!? Проблемот е што корисникот и гостинот секогаш ќе замерат на угостителот дека било какво покачување е нереално направено. Замислете само ако еден угостителски објект за својата затворена зимска тераса од 60-80 м2 за затоплување да овозможи пријатна атмосфера на своите гости за кафе, пијалак или ручек/вечера минатите години трошел помеѓу 25 и 35 илјади денари за користени енергенси без разлика дали било струја, плин или дрво сега трошоците за истото изнесуваат најмалку 3 пати повеќе. Во ваков случај која е цената што гостинот може, треба или сака да ја плати за да може и понатаму угостителот да ги овозможи истите услови за престој во угостителскиот објект како во минатото.

Иако и претходно имаше хроничен недостаток во секторот, имате ли информации за поголеми отпуштања на угостителски работници во последниве месеци? Од ваши сознанија, дали има и масовни затворања на локали?

-Недостатокот од професионални угостителски работници е се уште присутен и ќе биде хронично присутен во наредниот период. Угостителите никогаш не би ја примениле мерката на било какви отпуштањаа на свои вработени доколку не бидат приморани поради економски неисплативо работење. Се повеќе се појавува нова времена потреба на угостителски работници за време на т.н. пикови во работењето на угостителските објекти, како што се ударни вечери или настани кои се генерално во петок и сабота со која се соочуваат во моментот и за која нема алтернативно решение.
Едно е факт – угостителите се спремни и се повеќе се откажуваат и целосно од своите планирани добивки кои ги остварувале во овој и во наредниот период се со цел да ги одржат во функција своите угостителски објекти. Неми сведоци сме дека добар дел од нив не го издржаа притисокот на енормното покачување на цените на енергенсите и сировините и беа приморани да се откажат од моменталното работење се до прво стабилизирање на цените на енергенсите и сировините или доаѓањето на потопли денови кога веројатно ќе пробаат повторно да ги стават во функција своите објекти.

Коронавирус, па енергетска и економска криза која се очекува да трае и идната година. Многумина сметаат дека угостителството нема да се опорави во следните неколку години. Какви се вашите очекувања и што би го детерминирало „оживувањето” на овој сектор?

-Агонијата со пандемијата Ковид-19 и вртлогот од ценовните шокови на енергенсите и суровините во кои западна угсотителската индустрија изминатиот период тешко дека ќе може преку ноќ да се надминат. На угостителите им следува тежок период на истрајност, трпеливост и континуитет во своето работење со цел да исчекаат нормализирање на животот во надеж дека полека ќе се вратат поголем дел од постојните навики на социјализација која се одвиваше во угостителските објекти. Доколку сакаме побрз и поголем туристички развој на Македонија мораме сите заеднички не само Владата или агенцијата за промоција и подршка на туризмот да вложиме во поголема и помодерна промоција на туристичко-угостителската понуда на Македонија. Само со анимирање на поголем број странски гости можеме да очекуваме брзо и реално закрепнување на угостителите не само во туристичките центри туку низ цела држава.

Кои се следните активности на НУК, како и ваши како претседател?

-За жал активностите на комората во моментов се сведени на минимум. Прашање претставува и понатамошното опстојување на комората со континуираниот рамнодушен однос на угостителите кон коморското работење. Жално е што многумина реномирани угостители кои ги водат најголемите и најдобрите угостителски објекти ширум Македонија сметаат дека индивидуалноста на решавањето на сопствените проблеми е подобра од институционалноста на решавање на проблемите за сите заедно. Членството не само во Независната угостителска комората туки и во останатите комори и здруженија при коморите дури и за нив како реномирани угостители претставува непотребен трошок или обврска, додека сметките за струја кои им се зголемија неколку кратно ладно си ги прифатија и во целост се откажаа од своите добивки само да ги задржат и одржат своите угостителски објекти во функција.

Моите активности како Претседател на комората во изминатиот период се и понатаму безрезервни и континуирани посветени во изнаоѓање на решенија за поддршка на угостителите и угостителската индустрија не само локално туку и регионално и глобално.

Минатата година промовирав идеја, концепт и решение со кои не само на угостителите туку на сите инволвирани стани во туризмот сакав да се обезбедат континуирани и сигурни приходи од локални и странски гости, агенции, партнери и инвеститори преку инвестиција во нивните бизниси за производите и услугите што ги нудат. За жал овој нов, иновативен, модерен и технолошки модел и концепт базиран на Web 3.0 технологии не најде институционална поддршка и заинтересираност ниту пак интерес кај локалните угостители и останати зависни и засегнати индустрии од угостителската индустрија, ама пак затоа во континуирани контакти и презентации надвор од Македонија успеав да наидам на наши македонски граѓани, пријатели и партнери кои се нафатија да учествуваат и помогнат во првична реализација и промоција на бизнис моделот надвор од Македонија.

Во наредниот период со партнерите и инеститорите финализираме со нова модерна WEB 3 платформа наменета за угостителите и угостителската индустрија базирана на блокчејн технологии со која ќе можеме да обезбедиме директна поддршка на угостителите членки на комората не само од Македонија туку и на сите регионални угостители кои егзистираат на балканскиот регион.

В.З.