Намалувањето на цените на енергенсите ќе трае со години – вели шефот на енергетски гигант

Ќе бидат потребни години за цените на енергенсите да се вратат на нивото пред војната во Украина, изјави директорот на една од најголемите светски енергетски компании Енел, Франческо Стараче, за Би-Би-Си.

Стараче рече дека намалувањето на цената зависи од новите извори на енергија како што се обновливите извори на енергија и топлинските пумпи.

Тој рече дека компанијата која произведува и дистрибуира струја и гас, годинава се обидела да ги заштити своите 20 милиони европски корисници од нестабилноста на енергетскиот пазар.

Италијанскиот енергетски гигант продава електрична енергија на повеќе од 70 милиони домови и бизниси во повеќе од 30 земји. Но, Енел планира да излезе од многу од тие земји бидејќи се фокусира на обновливите извори на енергија и исто така сака да ги намали своите огромни долгови од околу 63 милијарди долари. Инвестира многу во производството на соларни панели бидејќи ја проширува постоечката фабрика на Сицилија и гради нова во САД, јавува Би-Би-Си.

Зголемените цени на енергенсите најмногу придонесоа за инфлацијата и за кризата на трошоците на животот во Велика Британија, САД и еврозоната.

„Глобалната енергетска криза предизвикана од руската инвазија на Украина покажа колку е опасна за Европа зависноста од единствен извор на енергија“, рече Стараче.

Како што рече, иднината ќе биде „исклучително декарбонизирана“ и ќе зависи од нуклеарната и обновливата енергија, меѓутоа, оваа транзиција кон обновливи извори на енергија носи и ризици.

Стараче рече дека Западот премногу се потпира на Кина за обновлива енергија и други добра.