Третина од земјите на ЕУ сè уште не вовеле мерки за заштеда на енергија

Мерките што ги преземаат владите на Европската унија за намалување на потрошувачката на гас и електрична енергија варираат во голема мера низ континентот и се недоволни за постигнување на целите за заштеда на енергија, открива анализата на Европската агенција за животна средина (ЕЕБ).

Според истражувањето на ЕЕБ, мерките што европските лидери ги усвоија пред четири месеци за намалување на потрошувачката на гас во нивните земји за 15 отсто и електрична енергија за 10 отсто се многу нерамномерни.

„Осум од 27 земји на ЕУ сè уште немаат воведено никакви мерки за намалување на потрошувачката на гас и електрична енергија. Ниту во домаќинствата, ниту во компаниите или државните органи“, покажува студијата на ЕЕБ, а пренесува Anadolu Agency.

Според студијата, само 12 земји од ЕУ усвоиле некои задолжителни мерки за намалување на потрошувачката на енергија.

Земјите кои увезуваат големи количества руски гас, како Италија и Германија, воведоа најстроги мерки за заштеда на гас. Оние кои се помалку зависни од гас, како Франција и Шпанија, исто така ја предводат ЕУ со мерки за намалување на потрошувачката на енергија, насочени и кон јавниот и приватниот сектор, вклучително и домаќинствата, како и индустријата и малите бизниси.

Но, Шведска, Финска, Луксембург, Холандија, Австрија и источноевропските земји се склони кон полабави мерки за намалување на потрошувачката на енергија. Иако се меѓу земјите кои се најзависни од гас, со учество од 30 до 40 отсто во вкупната потрошувачка на енергија, Холандија и Хрватска спроведоа само доброволни мерки за заштеда на гас.

Романија и Литванија, кои во голема мера се потпираат на фосилни горива, не спроведоа никакви мерки за намалување на потрошувачката на енергија.

– Колку побрзо ја намалиме потрошувачката, толку побрзо ќе го намалиме нагорниот притисок врз цените на енергијата, што ефективно ќе обезбеди олеснување за домаќинствата и индустријата – вели заменикот менаџер за климатски политики во ЕЕБ, Дејвид Сабадин, во врска со наодите од студијата.

Тој ги повикува креаторите на политиката да дадат приоритет на намалувањето на побарувачката на енергија во услови на многу предизвици со кои ЕУ ќе се соочи во полнењето на складиштето за гас пред зимата следната година.