Членовите на управниот одбор на Луфтханза ќе добијат по неколку милиони евра бонуси за 2021 и 2022 година, и покрај тоа што компанијата доби државна помош за време на пандемијата.
Надзорниот одбор ги одобри исплатите на бонусите на состанокот на почетокот на декември, објави весникот Handelsblat, повикувајќи се на сигурни извори од компанијата.
Дел од претставниците на вработените гласаа против исплатата, бидејќи сметаат дека тоа е прекршување на условите од државниот пакет помош за спасување, додава весникот.
Портпаролот на Луфтханза изјави за Ројтерс дека не може да ги коментира дискусиите на Надзорниот одбор.
Извори од германската влада го минимизираа извештајот за бонус, велејќи дека одборот на директори на Луфтханза се покажал добро и државата излегла од инвестицијата со профит.
Фондот за економска стабилизација на германската влада ја спаси Луфтханза од банкрот за време на пандемијата со пакет помош од вкупно 9,0 милијарди евра.
Владата во септември годинава ги продаде сите свои акции во таа авиокомпанија.











