
Модерен, современ автопат Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требениште-Струга-Ќафасан, е реалност која денеска почнуваме да ја остваруваме. Со гео-стратешката позиција и Коридор 8 ние стануваме неизбежна транспортна рута како во регионот така и пошироко, истакна премиерот Димитар Ковачевски на стартот на овој многу важен проект.
„Денеска започнува силна градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридор 8. Камен-темелникот на Коридорот 8 не е само почеток на нова патна инфраструктура, тоа е камен-темелник и на нови инвестиции, отворање нови пазари, можност за нови соработки како меѓу домашните, така и со меѓународни компании.
Изградбата на Коридорот 8 значи помалку трошоци за транспорт, побрз транспорт, поврзување и интеграција на Северна Македонија, како и економски и регионален развој на земјава.
Изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан, денеска покажува дека е конкретна, реална и остварлива цел која е во интерес на граѓаните, за нивен подобар живот и просперитет на бизнис заедницата. Секој автопат носи можност за нови бизниси и економски развој. Нови бензински пумпи, нови хотели, ресторани, деловни објекти, повеќе вработувања, подобро платени работни места, поголема конкуренција и побрз развој.
Знам колку овој автопат е важен за нов економски и развоен импулс не само на западниот дел од земјава, туку и за регионален развој на целата држава.
Изградбата на Коридорот 8 значи поврзување на државата со другите земји од Европа, значи странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните.
Коридорот 8 и коридорот 10д се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор. Вредноста на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д изнесува 1,3 милијарди евра. Ќе се градат четири автопатски делници во вкупна должина од околу 110 километри. Вакво нешто никогаш во историјата на нашата држава не било направено. До денес, овие два коридора биле само план на хартија, кој никогаш не бил реализиран од разни причини. Денес тоа се менува и започнува нивната реализација. За прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој. Северна Македонија ако досега беше кружен тек, сега со овој коридор 8 станува вистинска крстосница на Балканот“, истакна Ковачевски.











