
Се очекува американскиот производител на авиони „Боинг“ да ја опреми авионската флота на саудискиот национален авиопревозник „Ријад Ер“ со своите авиони 737 макс.
Вкупната вредност на договорот за купување на 150 авиони се проценува на осум милијарди долари (околу 7,5 милијарди евра), а преговорите меѓу компанијата и Саудијците сè уште траат, пренесува германската новинска агенција dpa.
Авиокомпанијата планира да се поврзе со повеќе од 100 светски дестинации до 2030 година, а својот оперативен центар ќе има во главниот град на Саудиска Арабија.
Авионот 737 max се очекува да ја намали потрошувачката на гориво и емисиите за 20 отсто, а истовремено да создаде 50 отсто помалку бучава од сегашните авиони.
Белата куќа кон средината на март објави дека Саудиска Арабија ќе купи повеќе од 100 авиони од Боинг, нагласувајќи дека ова е нова пресвртница во 80-годишната соработка меѓу двете земји.
Ирската нискобуџетна авиокомпанија Ryanair на почетокот на мај најави купување на 300 авиони 737 Max од американскиот производител. Вредноста на оваа нарачка по малопродажна цена е повеќе од 40 милијарди долари (околу 37,5 милијарди евра), но за такви големи набавки, авиокомпаниите, по правило, склучуваат значителни попусти.











