Жените во ЕУ се значително пообразовани од мажите: 42% од младите со високо образование во 2022 година

Во земјите на ЕУ во 2022 година 42 отсто од младите на возраст од 25 до 34 години имале високо образование, објави денеска Евростат.

Овој удел е за 1% поголем од 2021 година, но сепак е под зацртаната цел на ЕУ, која сака 45 отсто од младите во оваа возрасна категорија да бидат високообразовани до 2030 година.

Се додава дека жените се значително пообразовани од мажите, бидејќи во 2022 година 48 отсто од нив на возраст меѓу 25 и 34 години имале високо образование, додека истото може да се каже за само 37 отсто од припадниците на „посилниот пол. ”

Најобразовани Европејци во оваа возрасна категорија се Ирците, со 62 отсто високообразовани, потоа Луксембуржаните – 61 отсто и Кипарците – 59 отсто. Во 2022 година, целта на ЕУ веќе беше исполнета од речиси половина од земјите-членки на Европската унија.

На дното на листата се Романците со 25 отсто високообразовани млади луѓе, потоа Италијанците со 29 отсто и Унгарците со 32 отсто.