Најбогатите деца на руските милијардери: Ги има 49, а ги чека наследство од 227 милијарди евра

Магазинот Форбс објави листа на најбогати деца на 20 руски милијардери, на која синот на основачот на Лукоил, Вагит Алекперов го зазема првото место, со богатство од 19 милијарди евра.

На листата на Форбс се најдоа 49 потомци на руски богаташи чие наследство не е помало од 2,34 милијарди евра.

– Нашиот список вклучува 20 од 110 семејства на руски милијардери, со најмалку 2,34 милијарди евра по наследник. Овие семејства имаат 49 деца, а вкупната нето вредност на нивните родители е 227,3 милијарди евра – според Форбс.

На второ место се ќерката и синот на основачот на Еурохем, најголемиот руски производител на ѓубрива, и сопственикот на компанијата за јаглен СУЕК, Андреј Мелниченко – секое дете по 11,7 милијарди евра. Синот и ќерката на косопственикот на компаниите Сибур и Новатек, Леонид Микелсон се на трето место – секое дете ќе наследи имот од 10 милијарди евра.

Основачот на апликацијата Телеграм, Павел Дуров, влезе во првите десет, заземајќи го седмото место на листата. Има ќерка и син, а секое дете ќе наследи 5,37 милијарди евра.