Предупредување од ЕЦБ: Се заканува хаотичен пад на цените на недвижностите

Цените на становите во еврозоната би можеле „хаотично“ да паднат бидејќи становите стануваат недостапни за граѓаните и непривлечни за инвеститорите поради високите каматни стапки, предупреди во средата Европската централна банка (ЕЦБ).
Тоа е еден од неколкуте ризици истакнати во анализата на ЕЦБ за финансиската стабилност, при што повисоките трошоци за задолжување и побавниот економски раст ги повредуваат бизнисите и домаќинствата.

Од јули минатата година, ЕЦБ се обидува да ја заузда инфлацијата со зголемување на каматните стапки, а се чини дека ќе опстои на својата строга монетарна политика и во наредните месеци, забележува Ројтерс.

Најсилното зголемување на каматните стапки од неколку децении наназад сега почнува да се чувствува на пазарот на недвижности, кој доживеа бум во текот на децениите на расположливи и поволни заеми.

„Гледајќи кон иднината, падот на цените (недвижностите) може да стане хаотичен бидејќи зголемувањето на каматните стапки на новите хипотекарни заеми сè повеќе ја загрозува нивната достапност и го зголемува товарот на каматите на постоечките хипотекарни заеми“, предупреди ЕЦБ.

Ова особено важи за земјите каде што преовладуваат хипотекарните заеми со променлива каматна стапка, посочуваат од банката, без да прецизираат за кои земји станува збор.

Податоци на ЕЦБ дека уделот на хипотекарните заеми со променлива стапка е најголем во Португалија, Шпанија и балтичките земји, забележува Ројтерс.

ЕЦБ, исто така, предупреди дека регионите каде што институционалните инвеститори заземале големи позиции на пазарот на станбени недвижности би можеле да добијат поголем удар доколку капиталот се повлече.

Ова ги вклучува Берлин, делови од западна Германија и група главни градови како Париз, Мадрид, Лисабон и Даблин.

Од друга страна, ЕЦБ наведува дека домаќинствата имаат корист од силниот пазар на труд, што значи дека помалку граѓани најверојатно ќе имаат проблеми со отплата на хипотекарните заеми поради губење на работни места, покажува анализата.