Бизнис заедницата во Македонија годинава очекува раст на економијата над проекцијата од 2%. Бизнисмените овие очекувања ги темелат на зголемениот извоз кон европските земји и податоците за раст на БДП во првите два квартала од годинава.
Ова беше истакнато од страна на претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески и извршниот директор на Сојузот на стопанските комори на Македонија Митко Алексов, откако гувернерот на НБРМ најави дека се очекува растот на БДП да биде над 3%.
“Очекуваме повисок раст затоа што го зголемивме во овој период извозот кон Западна Европа за 10% што значи дека е позитивна тенденција”, изјави Азески и додаде дека и во наредниот период очекуваат да има повисока стапка и дека тој оптимизам се пренесува и во Буџетот во 2014 година.
Алексов потенцира дека очекува годината да заврши со раст меѓу 2% и 2,5% и дека ако биде повеќе ќе биде добро и за бизнис заедницата.
“На крајот од минатата година предвидувањата беа дека растот ќе биде 2%. Позитивните движења во еврозоната во првиот и во вториот квартал позитивно се рефлектираат на нашето стопанство, особено во делот на зголемување на нашиот извоз. Податоците што ги имаме за економскиот раст во првиот и во вториот квартал се поголеми од очекувањата, но сепак очекуваме овие трендови да продолжат и во втората половина од годинава, можеби не со таков интензитет како во првиот и вториот квартал. Како и да е, годината ќе ја завршиме позитивно помеѓу 2% и 2,5% доколку биде и повеќе тоа ќе биде подобро и за нас”, истакна Алексов.