Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша законот за воведување на дигиталната рубља и создавање на соодветна електронска платформа. Законот, со исклучок на одредени одредби, влегува во сила на 1 август во тековната година.
Руската валута отсега ќе има три форми, готовина, безготовина и дигитална, пишува Комерсант. Ќе може да се вршат трансакции со дигитална валута со помош на специјален информациски систем, чиј оператор ќе биде Банката на Русија.
Централната банка ќе ги одреди и тарифите за трансакции во дигитални рубљи, како и временската рамка во која руските банки ќе треба да им обезбедат на клиентите можност за користење трансакции во новата валута. Граѓаните ќе бидат ослободени од плаќање трансакциски трошоци во дигитални рубљи, додека деловните субјекти ќе плаќаат провизија од 0,3 отсто од вредноста на трансакцијата.
Иницијативата за воведување на дигиталната рубља ја покрена група пратеници, предводени од Анатолиј Аксаков, претседател на парламентарната комисија за финансиски пазар. Државната Дума го усвои законот во последното читање на 11 јули, додека Советот на Федерацијата го одобри воведувањето на дигиталната рубља на 19 јули.
Банката на Русија објави тестирање на дигитални рубљи во реални трансакции за август.