Продолжува растот на работни места во ТИРЗ – 900 нови вработувања од почетокот на годинава

86

Продолжува растот на бројот на работни места и извозот во ТИРЗ, покажува редовната месечна анализа на Дирекцијата. Заклучно со јули бројот на работни места е зголемен за 14% во однос на истиот период лани и достигна над 17.150. Тоа е за 20% повеќе од јули 2021 година односно за 30% повеќе споредено јули 2020 година, покажува анализата. Само од почетокот на годинава во компаниите во ТИРЗ се вработени речиси 900 наши сограѓани.

Продолжува и растот на извозот кој  заклучно со јули ја надмина границата од 2 милијарди евра. Само во јули извозот е 336 милиони евра што е за 20% повисок јули минатата година, односно за 50% и 58% повисок споредено со јули 2021, односно јули 2020 година. Споредено со почетокот од годинава извозот во зоните е зголемен за 22%.

Увозот во првите седум месеци од годинава достигна над 1,8 милијарди евра. Само во јули годинава компаниите во ТИРЗ оствариле увоз од 261 милиони евра што е за 13% повисоко споредено со јули 2022 и 2021 година, а 39% повеќе споредено со јули 2020 година. Споредено со почетокот од годинава увозот во зоните е зголемен за 15%.

Поради ваквите економски движења продолжува и позитивниот тренд на раст кај нето извозот кој заклучно со јули е 25%.

Се очекува трендот на раст да продолжи со оглед на тоа што во ТИРЗ од почетокот на годинава се постигнати договори од над 280 милиони евра кои во следните десет години треба да донесат над 4600 работни места. Исто така во завршна фаза на преговори се 4 нови инвестиции со обем од над 150 милиони евра.