Хрватска лотарија, Кроација ерлајнс, пристаништата Риека, Плоче, Задар и Шибеник, Народне новине, Петрокемија и речното пристаниште Вуковар, во следните два месеци одат во приватизација, за Глобус изјави првиот човек на Државниот уред за управување со државен имот, Младен Пејновиќ.
Вториот круг на приватизација, како што го нарекуваат во хрватската влада, ќе биде поделен во две фази. Во првата ќе влезат веќе споменатите девет претпријатија, а во втората фаза следната година на странски инвеститори ќе им се понудат уште 19 фирми. Меѓу нив се Хрватска пошта, Јадролинија, ХЖ Карго, Бриони ривиера, Кроација банка, Имунолошки завод, Бродарски институт… Во сите овие претпријатија Хрватска има мнозински удел, а според усвоената стратегија, потребни им се реструктуирање, докапитализација или потполна приватизација.
Во исто време, се бараат партнери за аеродромите во Сплит, Риека, Осиек, Задар, Пула и Дубровник, а веќе е познато дека под концесија одат загрепскиот аеродром и автопатиштата.
Според Пејновиќ, на оваа приватизација не треба да се гледа исклучиво како на распродажба.
“Ние всушност не сакаме само да ги продадеме фирмите за да добиеме свежи пари. Целта кај секоја приватизација е да се создаде еден развоен елемент. Значи, поентата е купувачот на секое државно претпријатие или стратешки партнер да донесе нови идеи и инвестиции во тоа претпријатие кое би требало само да расте”, објаснува Пејновиќ.
За сите овие претпријатија Владата прво би требало да објави јавен повик за искажување интерес, за да дознае дали некој е заинтересиран за државниот имот, пишува Глобус, пренесува Seebiz.