
Најголемата американска банка, JPMorgan, објави квартални оперативни резултати кои беа малку над очекувањата на пазарот, благодарение на повисоките каматни стапки од ФЕД и стекнувањето на проблематичната First Republic Bank.
Приходите во третиот квартал скокнаа за 21,9 отсто на 39,87 милијарди долари, надминувајќи ги консензуалните проценки од 39,40 милијарди долари, пренесува Momentum.
Заработката по акција (EPS) скокна за 39 отсто на 4,33 долари, надминувајќи ги очекувањата од 3,94 долари, а нето добивката скокна за 35 отсто на 13,2 милијарди долари.
Растот на профитабилноста во голема мера се должи на растот на нето каматниот приход откако ФЕД продолжи со својот интензивен циклус на зголемување на каматните стапки во текот на годината. Нето приходите од камати скокнаа за 30 отсто на 22,9 милијарди долари, додека ова зголемување без перформансите на активата на First Republic Bank беше 21 отсто.












