Интел ќе инвестира 25 милијарди долари во Израел

85

Владата на Израел ќе и додели на корпорацијата Intel 3,2 милијарди долари за нова фабрика за чипови вредна 25 милијарди долари што компанијата планира да ја изгради во јужен Израел, рекоа двете страни, цитирани од Reuters.

Веста доаѓа кога Израел продолжува да води војна со палестинската милитантна група Хамас по нападот на Хамас врз Израел на 7-ми октомври.

„Планот за проширување на фабриката во Кирјат Гет е важен дел од напорите на „Intel“ да промовира поодржлив глобален синџир на снабдување, заедно со тековните и планираните производствени инвестиции на компанијата во Европа и САД“, се вели во соопштението на Intel.

Покрај грантот, кој изнесува 12,8 отсто од вкупната инвестиција, производителот на чипови се обврза да купи стоки и услуги од израелски добавувачи во вредност од 60 милијарди шекели (16,6 милијарди долари) во текот на следната деценија, а новото претпријатие се очекува да го создаде неколку илјади работни места.

Intel има четири развојни и производствени капацитети во Израел, вклучително и производствена фабрика во Кирјат Гат и има речиси 12.000 вработени во земјата.

Во јуни, премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека Intel ќе изгради нова фабрика за чипови вредна 25 милијарди долари во Израел, но Intel досега одбиваше да ја потврди инвестицијата, забележа Reuters. Сепак, Intel рече дека градежните работи веќе се во тек за проширување на локацијата.