Средба на Димовски со претставници од Светска банка и Европа Ре

37

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денес одржа состанок со претставници од Светската банка и од специјализираната компанија за реосигурување ризици од катастрофа Европа Ре.

Состанокот, кој е во рамки на Проектот за развој на осигурителен пазар од катастрофални ризици (SEEC CRIF), во кој се вклучени Македонија, Србија и Албанија, има за цел да се добијат дополнителни информации за македонскиот осигурителен пазар и да се зајакне соработката со релевантните институции за нормално одвивање на натамошните проектни активности.

Според соопштението на министерството за земјоделство, претставниците од Светска банка го информирале министерот Димовски за текот и активностите на проектот.

Целта на проектот, според нив, е создавање осигурителни производи за ризик од катастрофи и неповолни временски услови, при што посебен акцент беше ставен на развој на осигурителни производи наменети за потребите на земјоделците.

Во соопштението се вели дека со идентификување на ризикот кој го погодува земјоделското производство, Европа Ре ќе настојува да создаде соодветни осигурителни производи за земјоделскиот сектор во Република Македонија, а со тоа ќе придонесат за зголемување на пенетрацијата на осигурителниот пазар во државата.

Улогата на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во проектот е да дејствува како кординатор во комуникацијата помеѓу земјоделските организации и земјоделските производители, како и да придонесе со доставување податоци со кои располага.

Проектот за развој на осигурителен пазар од катастрофални ризици (SEEC CRIF) е инициран од Светската Банка, а имплементиран од Europa RE Facility, под покровителство на македонската Влада.