Истражување: Дали резултатите на Google стануваат сè полоши?

64

Германските научници спроведоа студија за да откријат дали има вистина во зголемениот број коментари за тоа дека резултатите на Google се влошуваат.

Дали забележавте дека резултатите од пребарувањето на Google се влошуваат во последно време? Доколку е така, не сте единствените, а фактот дека со гуглање добиваме сè полоши и полоши резултати, покажа истражувањето спроведено од германски научници од универзитетите во Лајпциг и Вајмар и од центарот за анализа на податоци и вештачка интелигенција од Дрезден. Тие спроведоа истражување преку илјадници резултати од пребарувањето за прегледи на производи.

Добиените резултати покажуваат дека на интернет има сè поголем број на неквалитетни содржини и веб-страници исполнети со спам, кои се оптимизирани за пребарувачите, така што, наместо корисни резултати, често меѓу резултатите од пребарувањето се прикажуваат линкови до таквите страници. Експертите ги нарекуваат таквите страници „SEO spam“ затоа што тие се создадени првенствено за алгоритмот на пребарувачот Google, а не за корисниците да најдат одговори на нивните прашања. Ситуацијата би можела да биде уште полоша во иднина, бидејќи вештачката интелигенција би можела да игра главна улога во креирањето на страниците и нивното прилагодување за пребарување на веб.

Како дел од ова истражување, научниците пребаруваа на интернет за прегледи на производи и се покажа дека често на врвот на страницата со резултати има неквалитетни содржини и текстови направени исклучиво со цел т.н. affiliate маркетинг од кој авторите заработуваат ако се направи купување на Амазон или на некои други сајтови со кликнување на линковите во нив. Пребарувачите, не само Google, туку и Bing и DuckDuckGo, станаа жртви на спам кампањи со голем досег, а голем дел од содржината што се објавува е само спам спакуван во преглед со низок квалитет, се објаснува во истражувањето.

Иако Google, се разбира, се бори со спам и постојано го менува и надградува својот алгоритам за да ги направи резултатите од пребарувањето што е можно попрецизни, научниците велат дека стана игра со мачка и глушец во која победуваат спамерите и дека постои очигледен тренд на намалување на квалитетот во текстовите што се прикажуваат на врвот на пребарувачот. Поранешната директорка во Google и поранешна извршна директорка на Yahoo, Мариса Мајер, неодамна, коментирајќи ја ситуацијата со пребарувачите, нагласи дека денес, во споредба со периодот пред 20 години, има многу повеќе измами на интернет и ги гледа причините за ова во поголем број економски стимулации за дезинформации, кликови и купувања.

Поради ваквите проблеми, дел од корисниците почнаа да ги менуваат своите навики, па наместо Google, сега почесто користат ChatGPT за некои едноставни прашања. Исто така, понекогаш во пребарувачот, покрај терминот што го бараат, го внесуваат и името на страницата или форумот од кој сакаат да го видат одговорот, како на пример Reddit.

Google не се согласува со резултатите од истражувањето, односно сметаат дека е фокусирано само на категоријата прегледи на производи и не го одразува севкупниот квалитет и колку нивниот пребарувач помага во милијарди дневни пребарувања.